Во мај годинава македонските компании извезле стоки во вредност од 547 милиони евра, што е за 61,2% повеќе во споредба со истиот месец минатата година, кога во екот на пандемијата и затворањата извозот падна за 39%.

Увозот, пак, во мај годинава е поголем за 65,1% и изнесувал 752 милиони евра.

Покриеноста на увозот со извозот во мај изнесувала 72,7%. Трговскиот дефицит во мај изнесувал 205 милиони евра и е поголем за 77,5% односно за близу 90 милиони евра во споредба со мај минатата година кога негативното салдо во размената изнесувало 115 милиони евра.

Ако се гледаат првите пет месеци годинава, салдото во трговската размена со светот е повторно негативно и надмина 1 милијарда евра, што е повеќе за 27% во споредба со трговскиот дефицит во првите пет месеци ланската година.

Статистичките податоци покажуваат дека во првите пет месеци годинава македонските компании извезле стоки во вредност 2,82 милијарди евра, што е раст од 44,3% или за 866 милиони евра повеќе во споредба со првите пет месеци од минатата 2020 година.

Увозот во истиот период е зголемен за 39,5% и достигнал 3,8 милијарди евра. Со тоа трговскиот дефицит во првите пет месеци достигна 1 милијарда евра и бележи раст од 28% во споредба со истиот период пани.

Повеќе за извозот во првите пет месеци годинава прочитајте на следниот линк.