Домашната металопреработувачка компанија Факом во првите девет месеци годинава остварила приходи од продажба од околу 15 милиони евра, што е раст од 22% во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците од извештајот на компанијата објавен на Македонската берза.

Дури 65,6% од вкупните приходи од продажба на Факом во периодот од јануари до септември годинава се од извоз на странските пазари, кои достигнаа 9,77 милиони евра, што е за 16% повеќе во споредба со истиот период лани.

Продажбата на домашниот пазар во истиот период е зголемена за 35% во споредба со истиот период лани, од што компанијата заработила 5,1 милиони евра.

Оперативните расходи на компанијата во првите шест месеци годинава се зголемени за 20% во однос на истиот период лани, што според објаснувањето од Факом, се должи пред се на зголемените трошоци за суровини и материјали, додека пак финансиските расходи се намалени за 8% како резултат на намалените расходи врз основа на камати од работењето

Но, и покрај поголемите расходи, Факом бележи раст на профитабилноста годинава. Според деветмесечниот биланс на успех, компанијата во првите девет месеци годинава работела со нето добивка од 243 илјади евра, што е неколкукратно зголемување воспоредба со добивката од 22 илјади евра во истиот период минатата година.

Од Факом потенцираат дека појавата и ширењето на вирусот Covid-19 создал сериозни проблеми за светската економија, но и за нивната компанија, како на страна на понудата, така на страна на побарувачката.
“Затворањето на границите и отежнатото движење на производите, како компанија која со околу 80% од производните капацитети е  ангажиранa во странство, овие негативни ефекти веднаш ги почуствувавме. Но, Факом мора да ја задржи и да ја надгради позицијата на препознатлива успешна компанија за челични конструкции и опрема во земјата и странство, кои ќе бидат произведени по највисоки стандарди и по квалитет и со конкурентни цени на пазарот”, велат од Факом, од каде потенцираат дека и понатаму основна определба на компанијата ќе биде извозната орентација, подобрувањето на квалитетот на своите производи, како и продолжување на трендот на рехабилитација на постоечките капацитети, подобрување на работните услови и  инвестиции во нова опрема и посовремена технологија.

Основна дејност на Факом е производство на челични конструкции и опрема.