Јапонскиот премиер Шинзе Абе неодамна објави дека државата обезбедува финансиска поддршка од 2,2 милијарди долари за компаниите кои ќе преселат производството надвор од Кина.
Ова е дел од вкупниот пакет за поддршка на јапонската економија погодена од коронавирусот кој изнесува дури 993 милијарди долари или 20% од бруто домашниот производ на Јапонија.
Поддршката за јапонските компании да ги преселат фабриките за производство надвор од Кина има за цел да ги намали ефектите од нарушувањата кои се случија во ланците за снабдување со Кина, која е инаку најголем трговски партнер на Јапонија, но и да ја намали големата зависност на Јапонија од Кина.
Но, откако коронавирусот затвори дел од кинеските фабрики, увозот на Јапонија од Кина во февруари се намали за 50% оставајќи ги притоа јапонските фабрики без неопходните делови за производство.
Ова ги поттикна разговорите во јапонската економија за намалување на зависноста на јапонските фабрики од Кина. Јапонските власти сметаат дека производството на производи со висока додадена вредност треба да се врати во Јапонија, а производството на други производи да се диверзифицира низ другите земји на Југоисточна Азија, како Виетнам, Бангладеш или Индија, кои би можеле да имаат корист од овој потег.
Некои јапонски компании веќе размислуваа да го преселат производството наменето за извоз надвор од Кина, а обезбедувањето на финансиска поддршка сигурно ќе ги поттикне тоа да го направат и побрзо.
Оваа најава од страна на јапонскиот премиер Абе веќе предизвикува нервоза и загриженост кај кинеските власти, кои стравуваат дека ако овој потег на Абе го следат и други земји, тоа би можело целосно да го наруши моделот на раст и развој на Кина.
Оваа опасност посебно ја загрижува Кина и заради тоа што неодамна и главниот економски советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Лери Кaдлоу предложи државата да им надоместо 100% од трошоците за селење на фабриките на американските компании од Кина назад во САД со цел да се намали зависноста на американската економија од Кина, која во текот на пандемијата со коронавирусот станува уште поочигледна.
Сосема е јасно дека овој потег на американските компании би чинел многу, но е една од можностите која се разгледува за поттикнување на ослабената американска економија откако ќе заврши епидемијата, преку нов т.н. јавно-приватен договор кој ќе поттикне големи инвестиции на државата со цел поддршка на економијата и отварање на нови работни места.