Една од 10 мали и средни фирми во Европа очекуваат да поднесат барање за банкрот во следните шест месеци, а дури 55% од фирмите изјавиле дека ако приходите останат на сегашното ниво ќе банкротираат до септември следната 2021 година, покажува најновото истражување на консултантската компанија McKinsey.
Истражувањето е спроведено на петте најголеми европски економии Франција, Германија, Италија, Шпанија и В.Британија.

Според резултатите на истражувањето, корона кризата најмногу ги погоди компаниите во Италија и Шпанија, каде меѓу 30 и 33% од компаниите пријавуваат голем пад на своите приходи.
Анализата била спроведена во август, пред да се прошири новиот бран на корона вирус. Се очекува дека воведувањето на нови мерки за карантин може дополнително да ја влоши состојбата на малите и средни претпријатија.

Најзагрозени сектори се логистика, земјоделство, сместување и угостителство, проследено со трговија.

Во Европа, малите и средни претпријатија вработуваат 90 милиони луѓе, но поради нивната големина се многу почуствителни на криза во паричните текови.