Интервју
ЗЛАТКО ВЕТЕРОВСКИ, помошник директор во Царинска Управа
Од ноември почнува примената на новите преференцијални правила за потекло на стоки кои носат големи придобивки и олеснувања за македонските компании. Златко Ветеровски, помошник директор во Царинската управа ексклузивно во интервју за специјализираниот портал ИзвозМК објаснува што значат овие преференцијали правила за потекло на стоките и какви придобивки носат за македонските компании.
“Со промените од новите префренцијални правила за потекло на стоки ќе бидат засегнати сите економски оператори во нашава држава што се занимаваат со извоз. Со оглед на тоа што околу 85% од целокупниот извоз на Република Северна Македонија се врши со земјите-членки на Европската Унија, на ЕФТА и на ЦЕФТА, новите преференцијални правила за потекло на стоки ќе отворат поголеми можности за извоз на овие пазари, бидејќи условите за стекнување на преференцијално македонско потекло ќе бидат значително олеснети и подобрени. Новите правила за потекло на стоки им отвораат можности за диверзификација и поголеми можност за купување на поевтини суровини на светскиот пазар, бидејќи со укинувањето на правилото за забрана на враќање на увозни давачки, економските оператори во Република Северна Македонија ќе можат да купаат суровини на светските пазари, без да се плашат дека ќе треба да плаќаат царина за нив доколку биле привремено увезени заради облагородување”, објаснува Ветеровски.
ИзвозМК: Од ноември почнува примената на новите преференцијални правила за потекло на стоки. Можете ли да објасните што конкретно подразбираат овие правила и какви промени носат за компаниите во надворешно-трговското работење?
Ветеровски: „Правилата за потекло“ се мошне важен елемент на секој договор за слободна трговија, бидејќи со нивна помош се утврдува дали одредена стока ќе се увезува со плаќање на увозна царина. „Потеклото“ е „економска националност“ на стоките што се тргуваат. Со постапките за проверка се обезбедува дека царинските органи можат да го проверат потеклото и да им овозможат на економските субјекти да го докажат потеклото на стоките. Кога се исполнети сите неопходни услови, стоките со преференцијално потекло можат да бидат увезени со пониски стапки на царина, или со царинска стапка 0, врз основа на одредбите од договорот за слободна трговија. Со правилата за потекло се предвидуваат условите и критериумите што треба да ги исполнат производите заради добивање на преференцијален третман, како што се минамалната локална обработка, содржина или додадена вредност.
Досега одредбите за преференцијалните правила за потекло беа регулирани со одредбите на Пан-евро-медитеранската (ПЕМ) конвенција за потекло на стоките. Оваа Конвенција имаше за цел создавање на заеднички правила за потекло помеѓу земјите-членки на ЕУ и 24-те држави во ПЕМ зоната (ЕФТА, Турција, ЦЕФТА, земјите од Источното партнерство и медитеранските земји).
ПЕМ конвенцијата ќе остане и понатаму во целосна примена помеѓу договорните страни на ПЕМ конвенцијата како што е случај сега. Меѓутоа, економските оператори и производителите ќе имаат можност од ноември да ги применуваат новите ревидирани преференцијални правила за стоките со кои тие тргуваат повеќе, отколку со примена на сегашните ПЕМ правила, во зависност од тоа што повеќе им одговара. Нивната употреба, според тоа е дополнителна можност, и не претставува обврска.
Ревидираните преференцијални правила за потекло се базираат на крајниот резултат на преговорите во рамките на ПЕМ конвенцијата, што суштински беа завршени во ноември 2019 година со презентирање на финалниот сет на преференцијали правила за потекло.
Меѓутоа, одредени договорни страни на ПЕМ, сепак не беа во можност да го прифатат и поддржат крајниот пакет на преференцијални правила, очекувајќи преговори за одредени дерогации (отстапувања) од овие преференцијални правила за потекло на билатерална основа. Резервациите што беа искажани се однесуваа на некои специфични аспекти од правилата (на пример, за текстилните произоди, некои земјоделски производи и обоени метали). Секретаријатот на ПЕМ конвенцијата и Европската Комисија и понатаму ќе продолжат со билатерални разговори со сите овие договорни страни со цел да се разгледаат начините за разрешување на овие прашања/дерогации, со цел постигнување на главната цел – завршување на процесот на ревизија на правилата за потекло во Конвенцијата и нивно прифаќање од страна на сите договорни страни.
Европската Комисија очекува дека овој процес на ревизија на конвенцијата треба да се заврши што поскоро, со цел ревидираната ПЕМ конвенција да може во иднина повторно да се користи како единствен сет на правила за потекло во целиот регион.
Европската унија и придава големо значење на ПЕМ конвенцијата, бидејќи со неа се обезбедува единствен сет на правила за потекло што во моментов се применуваат во ЕУ и во целото пошироко соседство на ЕУ. Во исто време, со оглед на тоа што правилата за потекло од ПЕМ конвенцијата беа усвоени во 1990-тите, беше неопходно да се воведат нови правила за потекло во разумен период на време. Додека се чека на завршување на процесот на ревизија на ПЕМ конвенцијата, чиј краен период не може точно да се утврди, неопходно беше на соседите на ЕУ да им се понудат пофлексибилни и помодерни правила за потекло, како што Европската Унија има веќе во поновите преференцијални трговски договори со Кореа, Канада или Јапонија.
Целта на новите преференцијални правила за потекло на стоките е да се модернизираат и подобрат правилата за потекло што се содржани во договорите за префренцијална трговија. Во Република Северна Македонија новите преференцијални правила за потекло на стоки ќе стапат во сила преку измена на Спогодбата за стабилизација и асоцијација што треба да почне да се применува од ноември 2021 година. Целта на оваа ревизија е да се промовира економската интеграција и да се олесни трговијата со ЕУ. Во исто време, во тек е постапка за менување и на ЦЕФТА договорот за слободно трговија, како и на договорите за слободна трговија со ЕФТА, Турција и Украина.
Промените што ги носат новите ревидирани преференцијални правила за потекло се следниве:
-
Еден од главните нови елементи на новите преференцијални правила за потекло е тоа дека операциите или „додадената вредност“ што е потребна за производот да добие преференцијално потекло е тоа што може да биде поделена помеѓу неколку држави што ги применуваат овие нови ревидирани правила за најголем број на производи. Ова се нарекува „целосна кумулација“ и со неа се олеснува интеграцијата на синџирите на снабдување во рамките на ПЕМ зоната,
-
Правилата за потекло што се применуваат за одредени производи ќе бидат повеќе флексибилни и полесни за примена: прагот за употреба на матерјали без потекло и компоненти ќе бидат зголемени и за најголем број на производи, сегашната забрана за враќање на царина ќе биде укината. Со ова ќе се овозможи, царинските давачки што се платени за увозните компоненти вградени во производи што се извезуваат да можат да се вратат. Со ова ќе се промовира конкуретноста на извозниците,
-
Други подобрувања се однесуваат на делот на логистика, каде сегашното правило за „директен транспорт“, што е многу тешко за стоките што транзитираат низ странска земја да го задржат нивното преференцијално потекло, ќе биде заменето со пофлексибилно правило за „не-манипулација“. Во областа на царинските постапки, ќе биде олеснето издавањето на доказот за потекло, на начин изјавата за потекло од производителот, или електронското издавање и поднесување на доказите за потекло ќе биде прифаќано.