-Поважно прашање од економијата нема, беше пораката со која претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, ја отвори работната средба со премиерот Зоран Заев и министрите кои ги раководат економските ресори.
Претседателот Азески констатираше дека предвидливоста на економските политики е од клучно значење за бизнисот, без оглед дали изгледите се позитивни или негативни. За компаниите е клучно да знаат што ги очекува, за да можат да ги планирааат своите деловни активности и затоа ова прашање треба да биде примарен таргет за новата Влада.
Азески и овој пат акцентот го стави на неколку клучни прашања, за кои се потребни брзи решенија, во насока на побрз и поголем економски раст и развој. Заради подобра координација на економските политики, бизнисот укажува дека е потребно формирање на Економски совет и решавање на децентрализацијата, прашањето со пописот, владеење на правото, професионализација на администрацијата и елиминирање на влијанието на политиката во професионалноста на кадрите во државните институции.
За компаниите, од круцијално значење се прашањата за обезбедување поддршка за извозните компании, решавање на прашањето со царините за странските инвеститори, поддршката на компаниите со домашен капитал.
– Добро е што голем дел од економските политики дефинирани во Програмата на новата Влада се пресликани од барањата и иницијативите кои стопанствениците преку Комората ги изнесувале во изминатите години. Тоа значи дека Владата го препознала значењето на економијата како предуслов за развој на сите други сектори – останува се’ што е напишано во владината програма да се реализира. Повторувам дека Стопанската комора на Македонија ја има најголемата база на квалификувани кадри, експерти и менаџери од сите сектори и дејности, кои ги ставаме во целост на располагање, за да обезбедиме успешна имплементација на зацртаните економски приоритети, – посочи Азески.
Комората останува на својот пат преку вмрежување, да дава помош на компаниите за аплицирање на проекти од ЕУ и за креирање на образовни политики според потребите на бизнисот.
Претседателот на Комората на Северозападна Македонија, Неби Хоџа, укажа на потребата од транспарентна и реформска Влада, за да се почувствува подинамичен економски раст. Тој изрази надеж дека соработката и дијалогот со бизнис секторот ќе бидат издигнати на уште повисоко ниво.
Претседателката на МАСИТ, Анета Пешева, посочи дека клучот на иднината на државата е во поддршка на ИТ-секторот и развивање на дигиталните вештини и процеси.
„Сива“ економија, нелојална конкуренција, почитување на стандарди, инвестиции во нови технолошки решенија се темите кои ги акцентираа дел од претставниците на докажани и успешни компании – членки на Стопанската комора на Македонија, присутни на средбата. Тие искажаа подготвеност за нивно активно вклучување за решавање на проблемите, согласно искуството што го имаат во секојдневното работење.
Премиерот Заев потенцираше дека успехот на Владата ќе зависи од успехот на реалниот сектор. Доаѓањето во куќата на бизнисот уште првиот ден по преземањето на функциите укажува на сериозноста на владиниот тим за определбата економијата да биде приоритет. Пред присутните Заев најави капитални инвестиции, стабилна даночна политика, дигитализација, реформа во администрацијата, намалување на парафискалните давачки за 70%, поддршка на извозот, владеење на правото. Заев потврди дека бизнис секторот ќе биде вклучен во креирањето на економските политики и во следењето на нивната имплементација, а само така може да очекуваме зголемен економски раст и развој.
Премиерот Заев најави дека паралелно со креирањето на економските политики кои треба да ја позиционираат државата во ЕУ-семејството, останува тековното следење на негативните ефекти што ги предизвикува корона кризата и потребата од креирање интервентни мерки за излагање во пресрет на одделните сектори на стопанството. Во таа насока, најавен е и четвртиот сет економски мерки за помош на домашната економија, одржување на ликвидноста во насока на потврдување на стабилноста на системот.
Заокружувајќи ја средбата, претседателот Азески заклучи дека е потребна стабилна Влада, која јасно ќе излезе со очекувани предвидувања што може да се случи како последица на постоење на пандемијата предизвикана од корона вирусот, прво, до крајот на годината, второ, до откривањето на вакцината и, трето, што ако следува уште некое глобално изненадување. Во таа насока, заблагодарувајќи му се на министерот за здравство, Венко Филипче, за начинот на кој се преземаат мерки за заштита и превенција од ширењето на вирусот, Азески посочи дека е потребно на дневна основа, министерот Филипче да продолжи да информира за тековните состојби и очекувања, со цел бизнисот да има колку-толку предвидливост на ситуацијата.
Извор: Стопанска комора на Македонија