Денеска Царинската управа на РС Македонија го одбележува Денот на царината, односно 28 години самостојност, суверенитет и контрола врз царинското подрачје.
Годинава празникот на цариниците се одбележува во посебна, вонредна состојба заради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, но и во услови во кои Царинската управа прави исклучителни и неопходни напори заедно со сите органи и министерства во Владата за одржување на економската активност и поддршка на работењето на економските оператори во меѓународната трговија и во извозот и увозот.

Во овие услови Царината ја прифати својата одговорност и водечка улога во консолидирањето и поедноставувањето на тековните активности за олеснување и поедноставување на движењето на стоките преку границите со примена на алатки за дигитално, автоматизирано и безхартиено работење.

“Во овој период, кога се соочуваме со еден од најголемите предизвици од постоењето на Царинската управа – пандемијата на коронавирусот, царинските службеници се исправени во првите редови на потенцијална изложеност на вирусот, обезбедувајќи непреченост во меѓународниот синџир на проток на стоки, доследни на олеснувањето на трговијата, заштитата на здравјето на граѓаните и заштита на државата”, изјави директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, кој во видео обраќање им се заблагодари на сите вработени во Царината кои со својата работа придонесуваат за нормално одвивање на извозот и увозот и целокупната економска активност.

“ Сега е моментот да останеме присебни, да покажеме максимална професионалност и дисциплина, со строго придржување кон заштитните мерки, и со уште поблиска соработка со институциите од нашата земја, како и од другите земји и да се справиме со овој немил глобален предизвик”, велат од Царинската управа.

Упатуваме честитки до сите царински работници по повод Денот на Царината и 28 годишнината од постоење на Царинска Управа на РС Македонија.