Покрај пандемијата со корона вирусот, дуалното образование во земјата и понатаму успешно се имплементира. Притоа, од страна на компаниите се применуваат сите здравствени и безбедносни протоколи. Во наредните недели практичната обука на ученици треба да започне и кај нашите компании-партнери од Прилеп – „Витаминка“, „ВИК“ и „Гентерм“, информираат од Делегацијата на германското стопанство.

Во меѓувреме, велат оттаму, Делегацијата на германското стопанство ја спроведе петтата обука на обучувачи со германски експерт. Со тоа досега беа обучени и сертифицирани околу 50 компаниски обучувачи по германски стандарди. На овој начин се дава значаен придонес за осигурување на квалитетот на дуалното образование.

Со цел како на странските, така и на домашните компании инвеститори да им се овозможи полесен пристап до државната помош која ја нуди Владата за нови инвестиции, канцеларија на Делегацијата на германското стопанство нуди анализа на македонските закони за државна помош.
Покрај анализата која ја вршат за секоја компанија засебно, проценувајќи ги можностите за државна помош во однос на инвестицијата која ја планира компанијата нудат и советување за приватно финансирање од регионални и меѓународни донатори.