Прехранбената компанија Витаминка објави дека во првите три месеци годинава остварила вкупни единечни приходи од продажба од 10,3 милиони евра, што е раст за 12% во споредба со истиот период минатата година. Приходите од продажба учествуваат со 99%во вкупните приходи на компанијата, кои во периодот јануари март изнесувале 10,4 милиони евра и се поголеми за 12% во споредба со лани.

На домашниот пазар, кој учествува со околу 60% во вкупните приходи од продажба на Витаминка, во првите три месеци годинава се продадени производи во вредност од 6,3 милиони евра или 19% повеќе отколку истиот период лани.

Извозот на компанијата во првите три месеци изнесувал 4 милиони евра и бележи раст од 3% во споредба со првото тромесечие минатата година.

Во единечен финансиски извештај на Македонската берза Витаминка објавува дека за првото тромесечие годинава има намалување на профитот за 33% и тој изнесува околу 132 илјади евра.

Од компанијата објаснуваат дека намалената профитабилност тоа се должи на растот на поедини групи на  трошоци.
Така, објавениот биланс на успех покажува дека расходите на компанијата по основ на камати и курсни разлики се поголеми за 38% во споредба со истиот период минатата година.

“Во првото тромесечие од 2020 година се преземени соодветни активности во поглед на реструктирањето на долгорочните кредитирање. Целта е да се релаксира работниот-обртен капитал на компанијата. Причината за ваквиот потег е намалената профитабилност друштвото, нестабилноста предизвикана од појавата на ширењето на вирусот COVID-19 и секојдневното тонење на светската економијата”, објаснуваат од компанијата.

Последиците допрва ќе предизвикаат несогледливи штети, сметаат од Витаминка.
“Трендот на вкупниот приход на друштвото не е лош, имајќи го предвид претходно наведеното. Но, сепак неблагодарно е да се предвидува во услови на голема макроекономска нестабилност. Препораките од монетаристите – НБРМ или Централната Европска банка, банките  да се воздржуваат од исплата на дивиденди и зачувување на ликвидноста е јасен сигнал дека е потребна  посебна грижа за готовинскиот тек на друштвото”, велат од Витаминка.

Според проценките на раководството на Витаминка, во последователниот период до датумот на издавањето на овие финансиски извештаи, оваа ситуација нема материјално значајно влијание врз деловните активности и финансиската состојба.
Но, потенцираат дека поради големата неизвесност од идниот развој на ситуацијата со коронавирусот, на меѓународно и локално ниво, не е можно да се направат сигурни и точни проценки на потенцијалното идно влијание врз финансиската состојба и резултатите од деловните активности на компанијата.

“Раководството на компанијата внимателно ги разгледува тековните пакет мерки донесени од Владата и е секојдневно посветено на превземање на сите неопходни мерки со цел амортизирање на потенцијално негативниот ефект од коронавирус-ситуацијата и обезбедување континуирано деловно работење, преку внимателно планирање на својата тековна ликвидност и приспособување кон новонастанатата ситуација”, велат од Витаминка.