Одличен прв квартал на Витаминка со раст на приходите од продажба и профитот. Најголемата домашна прехранбена компанија Витаминка од Прилеп објави дека во првите три месеци годинава работела со вкупни приходи од продажба од 11,5 милиони евра, кои се за 13% поголеми во споредба со истиот период во 2020 година.

Раст бележат и приходите од продажба на домашниот пазар, но и продажбите на странските пазари.
Неревидираните финансиски извештаи објавени на Македонската берза покажуваат дека приходите од продажба на домашниот пазар, кои учествуваат со 62,5% во вкупните продажби, во првата половина годинава се зголемени за 14% и изнесуваат 7,2 милиони евра.

Извозот, односно продажбите на странските пазари бележи раст од 11% и изнесуваат  4,3 милиони евра.

Оперативни расходи на Витаминка во првите три месеци годинава биле зголемени за 20% и изнесувале 11,4 милиони евра.

Витаминка првиот квартал годинава го завршила со добивка од 225 илјади евра, која е за 54% повисока во споредба со истиот период лани.

“Во првото тромесечие од 2021 година се преземени соодветни активности во поглед почитување на мерките за работа  во услови на пандемија.  Трендот на вкупниот приход на друштвото не е лош, но сепак неблагодарно е да се предвидува во услови на голема макроекономска нестабилност. Препораките од монетаристите – НБРМ или Централната Европска банка, банките  да се воздржуваат од исплата на дивиденди и зачувување на ликвидноста е јасен сигнал дека е потребна  посебна грижа за готовинскиот тек на друштвото”, велат од Витаминка.

Од компанијата потенцираат дека раководството внимателно ги разгледува тековните пакет мерки донесени од Владата и секојдневно ги презема сите неопходни мерки, со цел амортизирање на потенцијално негативниот ефект од коронавирус-ситуацијата и обезбедување континуирано деловно работење, преку внимателно планирање на тековната ликвидност и приспособување кон новонастанатата ситуација.