Македонската Влада на двчерашната седница донесе Одлука за намалување на увозните давачки – царинските стапки на одделни производи (компоненти) кои се употребуваат за производство на технолошко напредни производи.

Со оваа одлука се прифати увозните давачки и царинските стапки за одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко напредни производи во период од една година да се намалат на нивото на царинските стапки кои се применуваат при увоз на овие производи во земјите членки на Европската Унија.

Целта со која се носи оваа одлука е да се зголеми извозната конкурентност на индустријата и компаниите во земјава кои произведуваат технолошки напредни производи.

Причина за ваквото намалување на увозните давачки – царинските стапки на овие производи, е што овие производи не се произведуваат во земјата и се набавуваат од увоз од трети земји, а нивните царински стапки при увозот во Македонија се значајно повисоки во однос на царинските стапки на овие производи кои се применуваат во Европската Унија.

Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори во рамките на Стопанската комора на Македонија преку пишано соопштение ја поздрави денешната одлука на Владата на РСМ за намалување на 33 царински стапки на одделни компоненти потребни за производство на технолошки напредни производи.

Како што соопштуваат од Стопанската комора на Македонија, по иницијатива на Асоцијацијата, поднесена на 9 октомври, се побара изедначување на царинските стапки на ниво на оние во Европската унија за одделни компоненти кои им се неопходни на компаниите за нивниот технолошки процес, започнувајќи од 1 ноември во времетраење од една година.

Во услови кога усогласувањето со царинските стапки на ЕУ се јавува како обврска на земјата во процесот на пристапување во ЕУ, автономните мерки претставуваат привремено решение што е во функција на зголемување на извозната конкурентност на индустријата во земјава, која произведува технолошки напредни производи. Тоа, секако ќе придонесе за подобро деловно работење на сите компании од секторот но и за поголема атрактивност на земјата при привлекување нови компании со странски капитал, наведуваат од Асоцијацијата.

Позитивниот одговор од страна на Владата, како што се посочува, се должи на опсежните анализи и интензивната комуникација со Асоцијацијата во изминатиот период, којашто останува доследен партнер, за изнаоѓање трајно решение за целосно и трајно усогласување на царинските стапки, но и за генерално унапредување на бизнис климата за инвеститорите.

Прашањето за намалување на царинските стапки за увоз на одредени компоненти од трети земји во нашава земја се отвори во јавноста пред неполни 2 години од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство која потенцираше дека енормно високите царините за увозот на компоненти за напредни производи ја прават земјата неконкурентна како локација за инвестиции и ги прави неконкурентни ваквите производи во споредба со земјите членки на ЕУ или земјите од регионот.

Додека кај нас се носат привремени мерки, како оваа во траење на една година, во праксата на ЕУ, заради обезбедување непрекинат дотур на определени материјали за клучните индустрии каде што не постојат локални производители кои би се штителе со увозните давачки, се носат времени мерки за долги листи на производи на подолг период од 5 години за целосно укинување на царините (0 %).

Според анализите на Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство, усогласувањето на царините за увоз на компоненти во земјава со европските царини, дел од компаниите кои се присутни во земјава може да донесе дополнителни инвестиции од над 250 милиони евра со најмалку 4 000 нови вработувања.