Владата дозволи повторно извоз на средства за дезинфекција, има доволно залихи и за домашниот пазар

Владата на вчерашната седница донесе одлуката со која им се дозволува повторно извоз на македонските компании производители на средства за дезинфекција.
Станува збор за извоз на сапуни, дезинфициенси, препарати за миење, перење, чистење и гелови на база на површинско активни средства, тоалетни препарати со дезинфекциони средства, како и неденатуриран етилалкохол со содржина на алкохол 80%, за кои моментално постои голема побарувачка на светските пазари заради пандемијата со коронавирусот.

Во одлуката се вели дека при секој извоз кон царинската декларација ќе треба да се приложи и Изјава од извозникот и производителот дека одреден процент од овие средства остануваат како задолжителна залиха за потребите на домашниот пазар.

Пред неколку дена и компаниите членки на Здружението на хемиската индустрија при Стопанската комора на Македонија побараа да се укине забраната за извоз на средства за дезинфекција, секако доколку надлежните институции оценат дека е стабилизирана состојбата со снабдувањето на домашниот пазар.

Во прилог на нормализирање на состојбата во снабдувањето со дезинфициенси оди и одлуката на Европската Унија со која од 26 април се укинува забраната за извоз на дезинфициенси и заштитна опрема кон земјите од Западен Балкан.