Затворањето на граничните премини не се однесува на движење на товарни возила кои влегуваат во државата или вршат транзитен превоз на стока под услов да ги почитуваат посебните услови за заштита согласно препораките и протоколот на Министерство за здравство.
Според донесените мерки, се укинува обврската професионалните возачи да потпишуваат изјава за самоизолација и се ставаат вон сила сите изјави кои биле потпишани од страна на професионалните возачи кои управуваат товарни моторни возила во претходниот период.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат треба да издаде посебни дозволи или посебен здравствен протокол за да се овозможи влез на возилата заедно со возачите на наша територија.
Владата на вчерашната седница ги усвои и Препораките на Министерството за здравство за сите превозници кои патуваат во средно и високо ризичните земји.
Според нив, на лицата кои патуваат низ земјите со среден и висок ризик на КОВИД – 19, а кои управуваат тешки товарни моторни возила за превоз на прехранбени производи и друга стока, за време на нивниот транзитен превоз и престој, товар или растовар на стока во овие земји, им се препорачува да ги почитуваат следните мерки за лична и колективна заштита:
– Им се ограничуваат контактите и движењата на патните правци од точка А до точка Б, освен заради потреба од обезбедување на храна и тоалет.
– Се забранува контакт со други лица
– Доколку возачите излезат од кабината за да купат храна, користење на тоалет или други активности кои се неопходни за вршење на превозот (шпедитерски услуги, утовар, растовар на стока, контроли на гранични премини или друг вид на контрола), мора задолжително да користат лични заштитни средства и тоа:
– Носење на ракавици за еднократна употреба,
– Заштитни маски N 95 или FFР 3 со единечен филтер
– Заштитни кеси за обувките при движење надвор од возилото.
-Нема потреба од носење на заштитни мантили, како и заштитни наочари и каљачи
Заради можноста од остварување на директен респираторен контакт со заболени лица на КОВИД– 19, во мотелите, хотелите и рестораните се препорачува:
– Да спијат во кабините на своите моторни возила.
При враќање во земјата да стапат во контакт со надлежна епидемиолошка служба Центар за јавно здравје заради добивање на натамошни инструкции за мерки и постапки доколку пројават симптоматологија.
Сите возачи кои се враќаат во државата, а патуваат низ земјите со среден и висок ризик на КОВИД-19 треба задолжително да се јават на преглед кај надлежна епидемиолошка служба Центар за јавно здравје заради добивање на натамошни инструкции за мерки и постапки во случај да појават симптоми на болеста, односно да добијат потврда дека не се заразени со корона вирусот. Потврдите во понатамошниот процес на вршење на превоз ќе служи како доказ кај разни контролни органи од државите низ кои се поминува, а во тек е и постапка за утврдување на идентични мерки и кај другите држави особено од регионот.
Дома да се избегнуваат контакти со поголем круг на лица, односно да се намали движењето на истите надвор од кругот на потесното семејство.
За време на патувањето:
– После секој контакт во маркет, продавница, тоалет задолжителна е дезинфекција на рацете
– Максимално избегнување на контакт со други лица повеќе од 10-15 секунди (особено со лица со симптоми)
– Почесто проветрување на кабината за време на возењето
– При престојот во кабина нема потреба од носење на лична заштитна опрема
– Забрането е примање на слепи патници
– Задолжително обезбедено средства за дезинфекција на раце на база на алкохол за време на патувањето
Секој превозник треба да воспостави правила за раздолжување на возачите, контакти со референти во канцелариите и целосна примена на мерки за одржување на хигиена на просториите, документите и луѓето.
Се задолжува Здружението на лиценцирани авто превозници да изготви свој оперативен план за да се спроведе ротирање на возачите, односно нивна последователна промена при патувањата во средно и високо ризични земји.
Од Асоцијацијата na превозници Макам-транс велат дека ќе изработат процедури за постапување во рамките на превозните трговски друштва како и обврската да се врши ротирање на возачите, односно нивна последователна промена на возачи при патувањата во средно и високо ризични земји, како обврска која е наведена во препораките.
“За да не замре во целост вршењето на превоз на стока треба да сте свесни и да ги преземете сите мерки за заштита на возачите кои се движат низ државите на Европа, да ги опоменете и потесните семејства на возачите да се придржуваат на препораките од државата и да бидат во само изолација се со цел да нема контакти со поголеми групи на луѓе, да се движат со целосна заштита само доколку треба да се купат прехрамбени продукти и лекови’, велат од Макам Транс и апелираме до превозниците да ги следат информациите кои ги објавуваат со цел да не се повтори случајот од заглавени возила по граничните премини.