Владата на денешната седница по предлог на Управувачки комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, а по доставениот извештај на Комисија за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, донесе одлука со која се предлага мерка со која  АД ТЕ-ТО Скопје ќе работи седум дена во неделата во периодот од 05:00 до 01:00 со полна моќност, а при тоа АД ТЕ-ТО истовремено ќе продолжи да ги реализира своите обврски согласно склучените договори за купопродажба на електрична енергија со потрошувачите на отворениот пазар на електрична енергија, кажа министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција пред Министерството за економија.

Како што потенцираше министерот, со оваа одлука АД “Електрани на Северна Македонија” ќе ја откупува електричната енергија произведена од АД ТЕТО Скопје, којашто не е наменета за потрошувачите на АД ТЕ-ТО Скопје, согласно со склучен договор за купопродажба на електрична енергија, со кој ќе бидат утврдени меѓусебните права и обврски.

„Цената по која АД ЕСМ може да ја преземе дополнително произведената електрична енергија од производителот АД ТЕТО е 170 евра/MWh, и е производна цена на елекетрична енергија од комбинирана постројка за производство на електрична и топлинска енергија од природен гас, со вкалкулирана продажна цена на природен гас во Република Северна Македонија за месец јануари 2022, кажа бектеши и додаде дека АД “Електрани на Северна Македонија” обврските од член 2 на оваа Одлука ќе ги обезбеди од сопствени средства. 

„Со преземањето на електрична енергија дополнително ќе се обезбеди производство  и на топлинска енергија за регулираниот дистрибутер на топлинска енергија со што ќе се овозможи континуирано,  квалитетно  и економски исплатливо снабдување со толинска енергија на потрошувачите во Град Скопје и во исто време при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија, ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергија, потенцираше министерот.

Врз основа на претходното се согледува дека АД ТЕ-ТО има производствен капацитет кој не е во целост искористен, во текот на викендите и има вишоци во работните денови кои можат да бидат искористени за домашниот конзум.

Инсталираниот капацитет на АД ТЕ-ТО изнесува 227 МW.