Само два дена по втората измена за поголема флексибилност во бројот на вработени за користење на мерката за минимална плата за погодените фирми од пандемијата со Ковид 19, Владата повторно со нова корекција на мерката.
Со новата четврта по ред измена се предвидува економска помош да добијат само фирмите кои не го намалиле бројот на вработените во текот на март и април и ќе продолжат со истиот број до јули.
„Промените, усогласени со синдикатите и граѓанските организации за заштита на правата на работниците, предвидуваат дека работодавачот кој користи финансиска поддршка за исплаќање плата, не треба да го намали бројот на вработените во април 2020 година, како и два месеци по негово завршување, односно јули 2020 година “.
Во владината одлука, која доаѓа по притисокот од страна на синдикатите и некои граѓански организации, се вели дека деловните субјекти кои веќе скратиле од персоналот, ќе можат да користат економска помош за исплаќање плати во време на пандемија, само ако ги вратат работниците, чиј работен однос истекол помеѓу 11 март и 30 април. Работодавачите до 7 мај треба да склучат нови договори за вработување, вклучително и задолжителното социјално осигурување на работникот. Во владината одлука се предвидува дека работниот однос може да се прекине само при пензионирање и смрт на работникот, прекин на договорот за вработување од страна на работникот, прекин на договорот за вработување без најава од работодавачот заради прекршување на работниот ред и дисциплина или работните обврски, трансфер по договор со работникот, раскинување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и раскинување на важноста на договорот за вработување заради постојана неспособност за работа.
Процентот на вработените чие вработување е прекинато заради горенаведените причини не може да биде повисоко од: 15% за работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка, односно 10% за работодавач кој имал 51 до 250 вработени месечно, за што користел финансиска поддршка и 5% за работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка “.
Аплицирањето за економска помош од Владата за исплаќање на платите во износ од 14.500 денари за април и мај, може да се направи од денес до 7 мај.
Ова е четврта по ред на економската мерка за поддршка во форма на минимална плата. Првично не требаше да се отпуштаат работници до септември, потоа периодот се скрати до крајот на јули. Потоа Владата дозволи да се отпуштаат вработени во одреден процент, за сега да ја смениодлуката и да се забрани отпуштање на вработени, освен во случај на точно пропишани услови.