Министерот за надворешни работи на Република С. Македонија, Бујар Османи денес го презентираше новиот концепт на Економската дипломатија, кој произлегува од предвидените приоритети на мандатната мисија.
„Економската дипломатија претставува важен дел од надворешната политика на земјата треба да биде обновена, да биде засилена, и да биде издигната како еден од клучните приоритети на државата. Како што најавивме, изготвивме проект за ревитализација на економската дипломатија – предлог кој потoа беше претставен и усвоен од страна на Владата, и од денес почнува неговата реализација“, истакна Османи, додавајќи дека новиот концепт на економска дипломатија ќе се базира врз издржана, јасна и прецизна стратегија за економските односи со странство.
Како што најави Османи, во претстојниот период ќе се направат анализи врз основа на извозните потенцијали, расположливата работна сила, капацитетите, земјиштето и останатите ресурси за странски инвестиции, ќе се дефинираат содржинските и географските цели на економската дипломатија, најавувајќи го притоа таканаречениот „tailor-made“ пристап – прилагоден за секоја земја и регион.
Министерот Османи посочи дека економски профилирани кадри – економски советници, ќе се упатуваат во оние земји каде има реален потенцијал за зголемување на економската соработка: земји со најголем потенцијал за инвестирање, земји кои се географски блиски или имаат изразен економско – географски интерес, земји со потенцијални туристи итн.
„Задачата на економските советници ќе биде да ја направат Република Северна Македонија привлечна дестинација за странски инвестиции, промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација и воопшто промоција на земјата, како економски и политички бренд кој претставува дел од современото општество“, нагласи Османи, истакнувајќи дека интенцијата на новата Влада е овој мандат да биде посветен на економијата и на економскиот раст.
МНР Османи истакна дека е планирано во првата фаза, или во текот на 2021 година, врз основа на експертска анализа, да бидат таргетираат неколку европски и неколку воневропски земји со најголем потенцијал за соработка.
“Како што најавивме, изготвивме проект за ревитализација на економската дипломатија, предлог кој потоа беше претставен и усвоен од страна на Владата, и од денес почнува неговата реализација”, истакна Османи, додавајќи дека новиот концепт на економска дипломатија ќе се базира врз издржана, јасна и прецизна стратегија за економските односи со странство.
Според Османи, економските советници ќе бидат избрани од редот на високи стручни дипломати од Министерството за надворешни работи, експерти од јавната администрација со економско портфолио и по потреба експерти од приватниот и јавниот сектор.
Сите тие без исклучок ќе поминат обемна оперативна и стручна теоретска обука за особеностите и карактеристиките на нашата економија, спецификите на нашиот пазар, капацитетите на нашето стопанство и можностите на туристичкиот сектор.
Според шефот на македонската дипломатија, економските промотори ќе треба да направат контакт со бизнисите во странство, да ја олеснат трговија, да потпишуваат договори и да работат на подготвување на инфраструктура.
Владата најавува и дека ќе има национална стратегија за соработка со дијаспората, но предвидена е и финансиска поддршка за проекти од дијаспората. Државата ќе дава пари за почетни инвестициски вложувања, но споредбено со домашните и странските инвеститори, за инвеститорите од дијаспората поддршката ќе биде поголема за 10 отсто.