Владата ја претстави стратегијата за реформа на даночниот систем пред бизнис, невладината и експертската заедница

Поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност во наплатата на приходите, висока даночна транспарентност, подобрување на квалитетот на услугите и воведување зелено оданочување, се приоритетите во Стратегијата за реформа на даночниот систем 2020-2023, која денеска беше презентирана и дискутирана со бизнис-заедницата, невладините организации и експертската јавност. На презентацијата на Стратегијата присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска, вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и заменик-министерката за финансии Ширет Елези.

Министерката за финансии Ангеловска посочи дека во време на брзата глобализација на трговијата и финансиските системи, либерализацијата на протокот на стоки и капитал и напредокот во информатичката и комуникациската технологија, бараат конкретна стратегија врз основа на која ќе се подготвуваат конкретни мерки за дејствување.

„Главна цел на стратегијата е да обезбеди даночните власти во Република Северна Македонија да се однесуваат на ефикасен, координиран и ефективен начин кон постигнување заедничка цел – инклузивен и одржлив економски раст. Стратегијата ќе ги адресира проблемите како сивата економија, економската нееднаквост, тешкотиите во собирањето  јавни приходи, софистицираните техники за избегнување данок, затајување данок, како и зголемувањето на ризиците врз животната средина“, рече Ангеловска.

Стратегијата, за чија подготовка поддршка дала и Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и од Министерството за финансии на Кралството Холандија содржи пет приоритети.

Првиот приоритет е праведност во оданочувањето, со цел да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот. Вториот е поголема ефикасност и продуктивност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, преку поефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајување  данок и зајакнат институционален капацитет, анализа и доуредување на даночната основа, намалување на заостанатите даночни обврски и спроведување регистар на вистински сопственици. Третиот приритет е зголемена даночна транспарентност, што вклучува подобрување на размената на информации помеѓу даночните органи и други субјекти, која во прв ред ќе се заснова на електронски услуги, што ќе доведе до зголемена фискална писменост и поголема доброволна усогласеност. Четврт приоритет е подобар квалитет на услугите, на начин кој ги поедноставува и забрзува постапките и го намалува административниот товар, преку сè повеќе дигитални услуги, подобро управување со издавањето на увозно-извозни дозволи, елиминирање на непотребните нетарифни бариери и подобра внатрешна и даночна контрола. Петиот приоритет е воведување зелено оданочување, со цел стимулирање на даночните обврзници преку давачките да придонесат за помало, односно да се дестимулуираат да загадуваат.

Врз основа на стратегијата се предвидува секоја година да се прават акциски планови со конкретни мерки за дејствување.