Поголеми приходи за вработените, преку нови инвестиции во постојните и отварање нови производствени капацитети е целта на активностите што ги спроведува Владата како поддршка на странските инвестиции во земјата. Интенција е таквите активности да се насочат кон реализација на веќе договорените услови од заемен интерес преку реализирање на предвидените планови од страна на компаниите, но и да се иницираат дополнителни услови што ќе овозможат реализација на нови развојни проекти. Тоа го истакна директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, кој денеска ги посети индустриските капацитети во ТИРЗ во Кичево, Струга и во Охрид.

“Тука сме да ги слушнеме проблемите со кои се соочуваат компаниите, но и нивните планови за нови инвестиции. Изминатите неколку месеци имаме најави со конкретни писма на интерес, како од постоечките така и од нови фирми, преку потенцијални инвестиции меѓу 80 и 100 милиони евра. Позитивно за нас е што компаниите работат, размислуваат да ги прошируваат капацитетите. Тоа ќе значи не само нови работни места, туку квалитетни работни места што подразбира добри примања”, рече Деспотовски.

Тој појасни дека се разгледуваат, дискутираат нови мерки што би биле во насока на поттикнување спирала на раст на платите на вработените во компаниите во ТИРЗ.

“Подготвуваме инвестициски пакет од 15 милиони евра насочен кон инфраструктура. Тоа не значи само исполнување на договорните обврски на Дирекцијата кон компаниите, туку и создавање услови за нови инвестиции. Една од мерките е поттикнување на криеирање нови работни места, условена со динамика во пораст на платите за сите вработени во компаниите”, рече тој.

Како еден од главните проблеми што се јавува и како предуслов за покачување на примањата на вработените од страна на Асоцијацијата на технолошки напредните компании и генерално од сите странски компании е продуктивноста во производствениот процес.

“Продуктивноста е проблем децении наназад. Разговараме за посебна програма што предвидува државата преку кофинансирање да им овозможат на компаниите да спроведуваат програми за развој на вештини, што од своја страна ќе поттикнат раст на продуктивноста, а оттаму и пораст на платите”, рече Депостовски.

Директорот на „Костал Македонија“ Виктор Мизо истакна дека ваквите средби и разговори поволно влијаат на заложбите за утврдување на активностите за раст и развој во иднина, но и во насока на адресирање на потешкотиите со кои се соочуваат странските фирми што имаат инвестиции во земјата.

“За нас е мошне важно да имаме здрава, добра инвестициска клима, можност за развој, задоволување на договорните обврски на државата, и тоа не само преку државна помош. Плановите на „Костал Македонија“ за иднина за позитивни, интенција е да се разработуваат нови проекти, но тоа зависи и од конкурентноста на компанијата за светскиот пазар. Планот е наредните неколку години филијалата во Охрид да биде една од двете најважни локации на „Костал“ групацијата во Европа. Тоа е многу позитивно и за државата, доколку се земе предвид додадената вредност на крајните производи на компанијата, со потенцијал за неколку години да се оствари годишен извоз од над 300 милиони евра и вработување на над илјада висококвалификувани вработени”, рече Мизо.

Потенцијал за развој на локалните економии има и преку учество на локалните фирми во финалните производи на странските производствени капацитети, но засега тој дел не е на задоволително ниво.

Мизо истакна дека голем дел од локалните компании се уште не ги имаат потребните сертификати за квалитет, начин на размислување, па и за добавување на договорените производи и услуги навремено и по определена цена.

“Ние практикуваме процес на локални набавки, се она што ни е потребно го набавуваме локално доколку може. Затоа со локални компании работиме менторинг, да можеме да ги развиваме да обезбедуваат резервни делови за нас, со можност да работат и како добавувачи на сериски производи. Но, за да се стигне до тоа ниво треба да се работи”, истакна Мизо.