“Италија е земја со која традиционално имаме одлични односи како на политичко, културно и на економско ниво. Со голем потенцијал за деловна соработка, без притоа да постојат пречки на патот за поинтензивна соработка на сите нивоа, за отворен дијалог, како и волја за реализација на тоа што би било договорено”, потенцираше Антони Пешев, претседавач со Собранието на Стопанската Комора на Македонија на денешната конференција „Потенцијалите за унапредување на економската соработка со Република Италија“ во рамки на серијата компаративни анализи за економскиот напредок на нашите клучни трговски партнери кои ги подготвува Комората.
Продлабочувањето на економската соработка помеѓу Македонија и Италија е одлична можност од чија реализација корист би имале двете земји, а притоа, важна поткрепа дава одличната политичка меѓусебна соработка.
Претставувајќи ги податоците за надворешно-трговската размена со Република Италија, Антони Пешев посочи, дека оваа земја е многу важна за македонскиот извоз и се вбројува во традиционално, најзначајните пазари за Р.С. Македонија. Вкупната трговска размена, во 2019 година, изнесува 645 милиони евра и во однос на 2018 година е зголемена за 5%.
Италија е трета најголема економија во еврозоната, има високо развиен индустриски сектор кој сочинува 24% од БДП на италијанската економија, развиен сектор на услуги кои сочинува 74% од БДП и земјоделски сектор со 2% од БДП на италијанската економија.
“Еден од главните инвеститори во Р.С. Македонија, со 130 активни компании со италијански капитал и инвестиции од 122,7 милиони евра во 2018 година, а за трите квартали од 2019 година, инвестициите изнесуваат 11 милиони евра”, истакна Пешев.
Целта на секоја национална економија е да постигне успех на светскиот пазар, да обезбеди извоз на производи со поголема додадена вредност, за поголем девизен ефект во домашната економија, нови инвестиции кои водат кон раст на продуктивноста, повисок доход и одржлив развој. Сето тоа влијае на подигнување на животниот стандард за сите граѓани, кој како успех, е резултат на многу фактори.
“Еден од начините како тоа да го реализира нашата земја, но и регионот во целост, е преку Коморскиот инвестициски форум, основан од „Берлинскиот процес“, и активното вклучување на националните стопански комори во реализацијата на конкретните цели од процесот, чие седиштето на Генералниот секретаријат се наоѓа, токму во Трст, Италија. Изборот на локацијата на седиштетот на КИФ не е случајна. Тоа е првиот пробив на отворање на портите кон заедничкиот европски пазар за земјите од Западниот Балкан, што ќе да придонесе за значително зголемување на економскиот раст на државите од регионот. Целта е унапредување на конкурентноста на економиите на земјите од Западен Балкан, во кој припаѓаме и ние како држава, и исполнување на економските критериуми за пристапување кон Европската унија, преку зајакнување на регионалната економска соработка и нивната интеграција во Европската унија и на глобалниот пазар”, истакна Антони Пешев.
Н.Е Карло Ромео, амбасадор на Република Италија во Република С.Македонија, потенцираше дека за добрата соработка меѓу двете земји не говорат само бројките, туку и успешните бизнис-приказни реализирани во повеќе индустрии, што е овозможено благодарение на повеќето иницијативи врз основа на билатералните договори меѓу двете земји. Република Италија е значаен трговски партнер на Република Северна Македонија и перманентно се наоѓа на листата од првите пет земји со кои Македонија има најголем обем на трговска размена и деловна соработка.
Извозот на Северна Македонија кон Италија, во 2019 година, изнесува 173,8 милиони евра и истиот е намален за 5,6% во однос на 2018-тата, додека увозот од Италија во земјава е 471,1милиони евра.
” Италија е една од ЕУ-земјите којашто на Македонија и` дава целосно разбирање и поддршка во начинот на подобрување на економијата и продлабочување на билатералната соработка во бизнис-секторот, за што говорат и големиот број странски инвестиции од Италија во Македонија, особено во последните десетина години. Италијанските компании се заинтересирани за вложување во инфраструктурни проекти, во давање на сервисни услуги на компаниите, како и продлабочување на соработката во областите од транспортот, енергетиката и животната средина – истакна амбасадорот Карло Ромео.
Влезот на земјата во НАТО, според амбасадорот Ромео отвара нови можности за соработка во индустријата наменета за секторот опрема и безбедност.
“Во овој сектор двете држави веќе имаат одлична соработка и минатата година имавме и посета на компании заинтересирани за соработка во овој сектор, а годинава заедно со Агенцијата за надворепна трговија – ИЧЕ организираме и секторски настан кој ќе ги промовира токму можностите и потенцијалите за соработка во овој сектор”, вели Ромео.
Исто така, земјоделието и прехрамбената индустрија се од исклучителна важност за двете земји, имајќи во предвид дека се повеќе италијански прехрамбени производи се застапени на домашниот пазар, и за таа цел, оваа година од страна на Италијанската амбасада, се планираат да се организираат неколку настани за промоција на италијанската кујна.