Членките на Клубот на извозници при Стопанската комора на Македонија денеска остварија работна средба со директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РС Македонија, Арбен Виља и со неговиот тим, со цел дефинирање на приоритетните активности за креирање политики за поддршка ипромоција на извозот според потребите на компаниите.

На средбата присуствуваа повеќе претставници од извозните компании кои ги споделија проблемите и предизвиците со кои се соочуваат при извозот заради пандемијата и предложија повеќе мерки и идеи како да продолжи промоцијата на странските пазари во време на оваа здравствено-економска криза заради која сите саеми се откажани. Дел од извозните компании исто така побараа и конкретни потези од страна на Владата во насока на зголемување на конкурентноста на извозот во услови кога имаат голем пад на приходите заради кризата, како на пример, укинување на увозните царини за суровини и опрема кои не се произведуваат во земјава, а се користат во извозно производство, укинување на обврската ДДВ-то да се плаќа веднаш при увоз на суровините и опремата кои се користат за извозно производство или скратување на рокот на поврат на ДДВ од 30 на 15 дена, склучување на нови договори за слободна трговија и сл.

„Поради настанатата криза со коронавирусот, повеќето планирани саемски манифестации до крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година се откажани, со што се јавува потребата за пренамена на средствата планирани за поддршка на извозните активности на домашните компании“, истакна претседателот на Клубот на извозници, Глигор Цветанов.

Тој додаде дека во наредниот период компаниите своите активности ќе ги насочуваат кон дигитализација на процесите и зголемување на конкурентноста користејќи „онлајн“ алатки за промоција и продажба на производите.

Присутните претставници на извозните компании порачаа дека во наредниот период потребно е да се фокусираат активностите и буџетот на Агенцијата кон потпомагање на компаниите во употреба на дигитални напредни технологии во промоција и изнаоѓање на странски партнери, изработка на „онлајн“-презентации и маркетинг стратегии за промоција на македонските компании и брендови на странските пазари, изработка на стратегија за настап на „онлајн“-пазари преку „онлајн“-продажба и обезбедување поголема поддршка за зголемување на конкурентноста на домашните компании.

Дел од компаниите побараа поддршка за организирање на вируелен онјалн саем, на кој би се претставувале повеќе компании од различни дејности со сопствените производи и брендови за извоз, кој би бил достапен 365 дена во годината за странските заинтересирани купувачи.
Некои компании побараа да се прават обуки со кои компаниите би се обучувале како да ги користат платформите како Амазон, Алибаба и други за продажба на своите производи во странство.

Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РС Македонија е во фаза на подготовка на Предлог-план за буџет за промоција и поддршка на извозот за 2021 година, кој по одобрување од страна на Министерството за финансии ќе биде инкорпориран во Годишната програма за работа и финансиски план на Агенцијата, согласно предлозите и потребите на бизнис-секторот за реализација во претстојната календарска година.

Мерките за финансиска поддршка на извозно ориентираните компании се дефинирани согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, а се  наменети за поддршка и за зголемување на конкурентноста на домашните компании, како и за освојување на нови пазари и пораст на продажбата.

„Сакам да ја изразам нашата подготвеност за реализација на нови заеднички проекти и очекувам дека од дискусиите што ги слушнавме на денешниот состанок ќе произлезат конкретни барања и предлози кои ќе ги имплементираме во нашиот Предлог-буџет за следната година, со единствена цел да додадеме вредност на извозниот процес и на тој начин да им помогнеме на домашните компании“, – нагласи Арбен Виља, во неговото обраќање до извозниците.