Во периот од јануари до 12 април годинава од Македонија на странските пазари се продале 944.700 килограми јагнешко свежо и замрзнато месо во вкупна вредност од 4,75 милиони евра.
Околу 90% од македонското јагне во првите три месеци годинава е продадено во Италија и Хрватска.
И покрај блокадите и ограничувањата на движењето заради корона вирусот во Италија, и годинава како и претходните години, најголем дел од македонското јагне или над 60% е продадено во Италија, од што е остварен извозен прилив од три милиони евра.
Втор најголем пазар била Хрватска, каде во првите три месеци годинава сме извезле јагнешко во вредност од 1,3 милиони евра или околу 360 илјади килограми.
Потоа следат Србија со извоз на јагнешко годинава во вредност од 163 илјади евра, Црна Гора со извоз од 142 илјади евра и Бугарија со извоз од24 илјади евра.
Традиционално, најголем дел од пласманот на македонското јагне се реализира во Италија, и тоа во месеците март и април, но поради вирусот КОВИД-19 извозот е понеизвесен заради проблемите пред се со транспортот.
На пример, во февруари и март минатата 2019 година биле извезени 413 илјади килограми јагнешко месо, а само во април, кој е клучен месец во извозот на јагнешко, биле извезени 1,2 милиони килограми јагнешко.
Откупната цена на јагнешкото годинава се движи од 100 до 120 денари за килограм јагнешко жива мера во зависност од категоријата и таа е за околу 20 до 25 денари пониска во споредба со ланската година.
За да се намалат штетите и ублажување на проблемите со откупот на јагнето што ги предизвика кризата од коронавирусот, Владата минатата недела донесе Уредба за зголемување на финансиската поддршка за сточарите одгледувачи на овци, за задржано женско јагне.
“Износот на поддршката за задржано женско јагне од 700 денари се зголемува на 1500 денари по грло. Вкалкулирано со основната мерка од 1.000 денари за обележани грла овци, со сегашното зголемување за подмерката за задржано женско јагне од 1.500 по денари по грло, одгледувачите на овци ќе добијат вкупна финансиска поддршка во висина од 2.500 денари за женско јагне”, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Владата ја донесе ваквата одлука поради новонастанатата состојба и проблемите со откуп на јагне, поради здравствено-економската криза предизвикана од глобалната пандемија од коронавирусот.
Од Министерството за земјоделство велат дека и во следниот период ќе ја следи состојбата со откупот и извозот на јагне. МЗШВ е во постојaна комуникација со одгледувачите на овци и со откупувачите, и освен традиционалните пазари како Италија, Хрватска, Грција, се бараат и други алтернативни пазари за извоз на јагнето.
Во просек, Македонија секоја година извезува по околу 200.000 јагниња за Италија. Втори, но далеку помали пазари се Хрватска и Грција. Вообичаено шпицот на пласманот е пред или за време на велигденските празници.
Во текот на целата изминатата 2019 година од Македонија биле извезено 1,9 милиони килограми јагнешко месо.