Во март годинава од Македонија се извезени стоки вредни 723 милиони евра, што е за 22,8%
воспоредба со извозот во март минатата 2021 година. 
Во истиот месец, во земјава биле увезени стоки во во вредност од 1 милијарда и 44 милиони евра, што е раст од 27,3% во споредба со истиот месец лани, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика.
Трговскиот дефицит во март надминал 321 милион евра, а покриеноста на увозот со
извоз изнесувала 69,2%.

Македонскиот извоз во првите три месеци годинава, пак, изнесувал 1,9 милијарди евра и е за 16,7% поголем во споредба со истиот период лани.
Увозот во првиот квартал годинава изнесувал 2,83 милијарди евра и е за 29,3% поголем во споредба со истиот период во 2021 година.

Трговскиот дефицит за периодот јануари-март годинава достигна 894 милиони евра и е зголемен за 69% или за 364 милиони евра во споредба со истиот период лани кога изнесувал 529 милиони евра.

Покриеноста на увозот со извозот за првите два месеци годинава изнесувала 68,4% и е помала од покриеноста во истиот период лани од 75,9%.

Од вкупниот извоз од земјава остварен во првите три месеци годинава, 44% или 851,6 милиони евра го направиле компаните кои работат во зоните. Извозот на компаниите од зоните во првиот
квартал годинава е поголем за 10% во однос на извозот кој овие компании го оствариле во првиот квартал од 2021 година.

На страната на увозот, компаниите од зоните учествувале со 26% или 744 милиони евра во вкупниот увоз во земјава за првите три месеци годинава.
Увозот на компаниите од зоните во првите три месеци годинава бил поголем за само 1,5% во споредба со увозот во првиот квартал од изминатата 2021 година.

Извозот на машини и транспортни делови намален за 24%

Податоците покажуваат дека најголем извоз во првите три месеци годинава е остварен со продажба на хемиски производи, односно катализатори, во вредност од 650,5 милиони евра, што е 33,5% од вкупниот извоз на државата. Врендоста на извозот на катализатори е зголемена за 45,6%, односно за 203 милиони евра во споредба со истиот период лани.

Извозот на машини и транспортни уреди, кои се втора најголема ставка во вкупниот извоз од земјава со учество од 23%, во првите три месеци годинава е помал за близу 129 милиони евра, што е пад од 22,1% во споредба со истиот период лани.

Најголемо учество во оваа група имаат автомобилските делови кои се извезуваат за германската и европската автомобилска индустрија која се соочува со големи проблеми заради војната во Украина и недостигот на делови.

Извозот на производи класирани според материјалот, во кој доминираат производи од железо и челик, во првите три месеци бележи раст од 54%, пред се заради големиот раст на цените на
челичните производи во светот, достигнувајќи вредност од 360 милиони евра.

Извозот на храна во периодот јануари-март 2022 година достигна вредност од близу
86,3 милиони евра и бележи раст од 2,8%. 

Сепак, најголем раст на извозот има кај нафтените деривати од 154,3% во споредба со истиот период лани, пред се заради големиот скок на цените на нафтата на светските берзи. Извозот на нафтени деривати во првите три месеци достигнал 55,3 милиони евра.

Голем раст од 35,8% има и во категоријата пијалоци и тутун, со вредност на извозот од близу 37 милиони евра.

Податоците покажуваат дека македонските компании во првите три месеци извезле стоки во
ЕУ во вредност од 1,5 милијарди евра или 78,3% од вкупниот извоз на земјата. Извозот на европските пазари е поголем за 16,7% во споредба со истиот период лани.
Во истиот период од земјите членки на ЕУ во Македонија се увезени стоки во
вредност од 1,3 милијарди евра, што е зголемување од 34,6%.

Македонскиот извоз во земјите од Западен Балкан (Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија и Косово) во првите три месеци бележи раст од 33,2%, надминувајќи 212 милиони евра.

Гледано по земји, Германија и понатаму останува најголем извозен, податоците
покажуваат сериозно забавување на извозот на германскиот пазар. Вредноста на
извозот во Германија во првите три месеци изнесува 860 милиони евра и е за само 1,1% или само 9,3 милиони евра поголем во споредба со истиот период лани.
Но, гледано количински, извозот во Германија во првите три месеци е
помал за 1,17%
во споредба со истиот период лани. Претходниот месец февруари, германскиот извоз забележа раст од само 0,1% во споредба со ланскиот февруари.

На вториот по големина извозен пазар Бугарија во првите три месеци годинава извозот е зголемен за 56,4% или за 35,5 милиони евра, достигнувајќи вредност од 98,5 милиони евра.

Трет најголем извозен пазар за македонските компании во првите три месеци годинава бил Косово каде се извезени производи во вредност од 83 милиони евра, што е раст од 36,7%.

Србија со продажби од 76,4 милиони евра е четврт извозен пазар, со раст на извозот од 44,5% или зголемување за 23,5 милиони евра.

Грција со извоз од околу 65,8 милиони евра е петти по големина извозен пазар, каде продажбите се зголемени за 70% или за 27 милиони евра во првите три месеци годинава.