Германија би можела да се соочи со загуби од 220 милијарди евра (240 милијарди долари) на производството во следните две години во случај на итен прекин на руското снабдување со енергија поради војната во Украина.
Економските институти кои ја советуваат владата во Берлин соопштија во средата во заедничка прогноза дека целосното запирање на увозот на природен гас од Русија ќе резултира со „остра рецесија“. Загубата за најголемата европска економија би била еднаква на 6,5% од годишното производство, велат тие.
„Одлуката да станеме независни од руските испораки на суровини веројатно ќе остане валидна дури и кога воената и политичката ситуација повторно ќе се смири“, се вели во извештајот. „Тоа значи дека дел од снабдувањето со енергија и енергетско интензивната индустрија мора да се преуреди“.
Во услови на зголемени жртви и извештаи за брутални злосторства, Германија е под зголемен притисок да го оправда својот отпор кон ембаргото на рускиот гас.
Министерот за финансии Кристијан Линднер ги истакна огромните предизвици со кои се соочува Германија додека се обидува да се одвикне од руската енергија што е можно побрзо, а исто така ја следи целта за климатска неутралност до 2045 година.
„Нашиот свет нема повторно да биде ист како некогаш“, напиша Линднер, кој е претседател на про-бизнис Слободните демократи, во гостинска статија за весникот Handelsblatt објавена во средата.
„Ни требаат нови деловни модели, нови идеи, нови синџири на снабдување и нови трговски односи“, рече тој. „Мораме да ги намалиме едностраните зависности, било да е тоа кога станува збор за увоз на енергија од Русија или извоз во Кина“.
Проценките се дека германската економија годинава ќе порасне за 2,7%, што е пониско од претхпдните проекции за раст од 4,8%. Инфлацијата за годинава се проценува да изнесува 6,1%, највисоко ниво во последните 40 години.
Берлинскиот DIW, еден од институтите вклучени во проценката, во петокот рече дека Германија би можела да преживее без рускиот гас, кој во моментов сочинува две петтини од нејзините испораки на гас. Групата рече дека комбинацијата од поголемо складирање, зајакнување на други резерви на енергија и спроведување на програми за намалување на побарувачката може да ја надомести Русија оваа зима.
Тоа не е став што генерално го дели деловната заедница, а лидерите на индустријата, вклучително и главниот извршен директор на Deutsche Bank AG, Кристијан Севинг, предупредуваат на страшни економски последици доколку се прекине снабдувањето со Русија.
Извор: Bloomberg