Германија планира да ги продолжи ограничувањата за спречување на ширењето на коронавирусот до 7 март, наместо да завршат до 14 февруари како што првично беше планирано, покажува нацрт-договорот кои произлезе од разговорите меѓу канцеларката Ангела Меркел и лидерите на 16 сојузни држави кои се одржаа денеска, објавува Reuters.

Во нацрт-документот се наведени плановите за продолжување на ограничувањата и за поттикнување на граѓаните за одржување на правилата за социјално дистанцирање. Но, некои ограничувања се планира постепено да се укинуваат во следните недели.

Повторното отворање на училиштата е приоритет за германското раководство. Повторното отворање на продавници и хотели може да започне следниот месец во области каде што стапката на инфекција е ниска.

Во Германија постои загриженост во врска со ширењето на повеќе заразни варијанти на вирусот, особено за мутацијата што е откриена првпат во Велика Британија минатата есен. Сепак, дневниот број на нови инфекции во Германија опаѓа во време на континуирано блокирање на јавниот живот низ целата земја.

Меркел јасно стави до знаење дека сака седумдневна инциденца од 50 случаи на 100.000 луѓе треба да биде репер за укинување на ограничувањата. Тој број во моментов изнесува 68, според податоците објавени од Институтот за инфективни болести Роберт Кох.

Веќе е извесно дека продолжените ограничувања ќе имаат негативно влијание врз предвиденото економско заздравување, што ќе има реперкусии и врз македонската економија, со оглед на фактот што Германија е најголем трговски партнер на Македонија, каде се пласира речиси 48% од вкупниот македонски извоз.