Водечките германски партии се согласија за пакет мерки во вредност од 130 милијарди евра, што ќе и помогне на економијата да излезе од кризата предизвикана од пандемијата предизвикана од ширењето на коронавирусот, изјави канцеларката Ангела Меркел по маратонските преговори што траеја два дена.
Милијарди евра ќе бидат потрошени за да им се помогне на индустриите кои се најдоа во проблеми, дополнително ќе бидат финансирани оние области каде невработеноста се зголемила, а еднократен бонус од 300 евра по дете ќе биде исплатен заедно со другите бенефиции кои се однесуваат на децата.
Значително ќе бидат зголемени субвенциите за набавка на автомобили, но само на оние со електричен погон. Автомобилите кои користат фосилни горива ќе бидат исклучени од оваа мерка.
Исто така, договорено е стапката главната стапка на ДДВ да се намали од 19% на 16%, а пониската стапка на ДДВ од 7% на 5%.
Вкупниот износ на финансискиот пакет во голема мерка ги надмина очекувањата на јавноста, кои според пишувањата на медиумите се проценуваше на 80 милијарди евра.
Според Меркел сега е потребна драстична потрошувачка за да им се обезбеди иднина на следните генерации.
Веќе со недели германската влада се соочува со повици за започнување стимулативна програма за да и помогне на економијата да се врати на нозе откако кризата со коронавирус ја втурна земјата во рецесија.
Нивото на економски показатели покажа драматичен пад во германскиот индустриски сектор и потрошувачката откако владата во март воведе строги ограничувања во обид да го спречи ширењето на вирусот.
Германската економија се очекува годинава да има пад од 6,6%, најголем пад од обединувањето на Германија.