Германија е подготвена да воведе казни за компаниите што набавуваат делови или материјали во странство од добавувачи кои не ги исполнуваат минималните стандарди за човекови права и животна средина, објавува Ројтерс.

Предлог-законот, сепак, беше значително ублажен под притисок на демохристијаните на канцеларката Ангела Меркел, кои го блокираа предлогот на социјалдемократите да се создаде правен пат за погодените страни да ги тужат германските фирми за обештетување.

Додека деталите за казните сè уште не се расчистени, можно е во предлог-законот да се предвидат казни и до 10% од прометот, што значи дека во некои случаи тие лесно можат да достигнат милиони.

Бизнис групациите предупредија дека ваквиот закон може да и наштети на конкурентноста на компаниите што ја сочинуваат најголемата европска економија. Не пример, само производителот на автомобили Фолксваген има повеќе од 40.000 различни добавувачи ширум светот.

Законодавството ќе се воведува во фази. Од 2023 година ќе се применува за компаниите со над 3.000 вработени, а за помалите компании со над 1.000 вработени, една година подоцна, односно од 2024 година. Компаниите со помалку од 1.000 вработени ќе бидат ослободени од новите законски одредби.

„Ова е најсилниот закон досега во Европа против експлоатација на работници“, изјави министерот за труд, социјалдемократот Хубертус Хајл. „Тоа е крај за компаниите што ги мерат човековите права наспроти нивните економски интереси“.

Законот, сличен на законот што го воведе Франција во 2017 година, ги обврзува компаниите сами да ги проверуваат своите добавувачи во синџирите на снабдување.

„Германскиот Устав вели дека достоинството на сите човечки суштества мора да биде неповредливо“, рече Хајл, „не само достоинството на Германците. Ова е добар ден за човековите права “.

Извор: Reuters