Германската автомобилска индустрија полека излегува во периодот на застој, прекин на производство и намалени продажби, но, закрепнувањето нема да биде ниту брзо, ниту лесно.
Овој сектор вработува голем број на луѓе во Германија, а извозот е од витално значење за економијата на целата земја.
Но, побарувачката за автомобили е опадната и индустријата се соочува со големи предизвици во транзицијата кон „зелена технологија“.
“Производителите на автомобили имаат значаен придонес во германската економија. Скоро еден милион добро платени работни места зависат од овој сектор, од кои половината се наоѓаат на просперитетниот југ на Германија, вели за CNBC економистот Феликс Розел, кој работи во германскиот престижен институт Ифо.
Според него, економскиот пад сега се заканува на илјадници работни места, доходи и даночни приходи во целиот ланец на снабдување.
Тој предупредува дека автомобилската индустрија се соочува со големи предизвици.
“Со сигурност ќе забележиме пад на оваа индустрија од неколку причини. Многу производители на автомобили не можат да го искористат целиот свој капацитет затоа што многу меѓународни ланци на снабдување се сериозно нарушени или затоа што ограничувањата од јавното здравство продолжуваат да се применуваат во фабриките”, вели Розел.
Според него, потрошувачите, кои се плашат од невработеност и намалени приходи, го одложуваат купувањето.
“Ова е токсичeн микс на неповолни фактори за производителите на автомобили”, истакнува Тозел.