Германската влада очекува економијата годинава да падне 6,3%, како резултат на пандемија на коронавирус, што е најголем пад од прогласувањето на Федералната Република во 1949 година, објавува весникот „Зидојче Цајтунг“.
Веќе е допрена најниската точка на нагло опаѓање на активноста, проценуваат владините експерти во пролетниот извештај кој се очекува да биде објавен во среда.
Прогнозите се во мај растот да се стабилизира и повторно да се зголеми значително во втората половина од годината.
И покрај значајната државна помош, се очекува голем бран на банкротства и три милиони невработени, додека даночните приходи годинава би се намалиле за 82 милијарди евра.
Според проценките на ММФ, се очекува економијата на Германија годинава да падне за 7%.
Германија е најголем извозен пазар на Македонија каде се пласира над 48% од вкупниот извоз на земјава. Минатата година извозот во Германија изнесуваше 3,1 милијарда долари, што главно се должи на извозот на авто делови за германската и европската автомобилска автомобилска индустрија.