Германската економија се опоравува: Извозот со раст од 15% во јуни

Германската извозна економија закрепнува: Германија извезла скоро 15% повеќе стоки во јуни отколку во мај. Сепак, ова е сè уште далеку под нивото од претходната година.
Федералниот завод за статистика објави дека германскиот извоз се зголемил за 14,9% во јуни во однос на претходниот месец. Германските компании во јуни извезле стоки во вредност од 96,1 милијарди евра, а увозот во истиот месец изнесувал 80,5 милијарди евра.
Сепак, извозот во јуни 2020 година е за 9,4% понизок отколку во јуни 2019 година, додека увозот е понизок за 10%.
Надворешно трговскиот суфицит во јуни изнесувал 15,6 милијарди евра, што е намалување во однос на трговскиот суфицит од 16,5 милијарди евра во јуни 2019 година.

Податоците покажуваат дека состојбата на германските извозни компании продолжува да се подобрува, во споредба со рекордно најголемиот досега пад во април.
Привременото затворање на границата, нарушувањата во логистиката и прекините во синџирите на снабдување како резултат на пандемијата оставија длабоки последици за германската економија.
Комисијата на ЕУ предвидува пад на бруто домашниот производ од 6,3% за Германија во 2020 година, што ќе биде најголем пад во повоениот период.
Според проценките на Германската трговска и индустриска комора, извозот во 2020 година ќе се намали за 15%, како резултат на пандемијата на корона вирус.

Извор: Spiegel