Германската економија најверојатно ќе падне нагло во првиот квартал поради мерките за спречување на пандемијата кои нагло извршија притисок врз услужниот сектор и ја забавија силната активност во градежништвото, соопшти германската централна банка Bundesbank.
„Економската активност веројатно ќе падне нагло во првиот квартал од 2021 година … особено во услужниот сектор, чиј бизнис се потпира на директен контакт со клиенти“, соопшти централната банка.
Индустриското производство исто така забави, а како позитивен фактор се посочува силниот прилив на нарачки и растот на извозот на стоки. Исклучок, сепак, е германскиот извоз на стоки во Велика Британија, кој потона за дури 25% во јануари, првиот месец по излегувањето од Европската унија.
Во извештајот од минатиот месец, централната банка прогнозираше закрепнување на економијата оваа пролет. Но, закрепнувањето е неизвесно со оглед на бавната вакцинација и повторното зголемување на новозаразените.