Кризата предизвикана од корона вирусот силно го погоди и германскиот извоз кој во април годинава бележи пад од 31,1%, на 75,5 милијарди евра. Тоа е најголем пад на извозот од 1950 година откако се бележат податоците од страна на германската статистичка служба Дестатис.
Во однос на претходниот месец мај, извозот е намален за 24%.

Статистиката покажува дека падот е различен кај извозните партнери. Извозот во Кина опаднал за „само“ 12,6%, бидејќи кризата во овој азиски гигант веќе стивна во април, а во Франција, која беше сериозно погодена од епидемијата, за дури 48,3%. Извозот во Италија падна нагло нагло, за повеќе од 40% и во Велика Британија за 35,8%.

Суфицитот на надворешно-трговска размена на Германија во април се намалил на само 3,5 милијарди евра.

Статистиката за увоз е исто така слаба. Во април, увозот бележи пад од 16,5% на месечно ниво и за околу 20% на годишно ниво.

Прогнозите за иднината не се воопшто охрабрувачки.
Германската индустриска и трговска комора очекува извозот годинава да биде за 15% помал од претходната година.
Според Светската трговска организација, светската трговија се очекува да се намали за 13% до 32% оваа година, а падот ќе зависи од тоа како ќе се развива кризата со коронавирус.

Германската економија годинава се соочува со длабока рецесија – според Европската комисија, околу 6,5%.

Глобалната трговија веќе стагнираше и во 2019 година како последица на низа меѓународни трговски конфликти и забавувањето на најголемите светски економии.

Во обид да го забрза закрепнувањето, германската влада минатата недела објави стимулативен пакет од 130 милијарди евра за да помогне во зајакнувањето на домашната побарувачка.