Германско производство на автомобили значително помало од очекувањата

Здружението на германската автомобилска индустрија ја намали својата прогноза за раст на производството оваа година, што укажува на тоа дека закрепнувањето од пандемијата на коронавирусите ќе биде трнливо, бидејќи производителите се уште се борат со нарушувањата во синџирот на снабдување, пишува Reuters.

Здружението на германски производители на автомобили (VDA) ја намали прогнозата за раст на производството на 3% од претходните 13%, потенцирајќи дека производството во последните месеци било „значително под очекувањата“.

Сега се очекува 3,6 милиони автомобили да бидат произведени во Германија оваа година, што е за 400.000 единици помалку од последна прогноза.

Германската автомобилска индустрија – со моќни брендови како Volkswagen, Daimler и BMW – сочинува околу 5% од економското производство и повеќе од 800.000 работни места, што ја прави основа на најголемата економија во Европа.

Германското производство на автомобили од 1,73 милиони единици во првата половина од 2021 година беше зголемено за 16% на годишно ниво. Но, како последица на проблемите во производството тоа се намали за 19% во јуни во споредба со истиот месец лани.

Работењето на германската автомобилска индустрија има големо значење и за македонската економија, со оглед на фактот што околу 50% од вкупниот извоз на Македонија е поврзан токму со германските и европските автомобилски гиганти.