Глигор Дачевски: Успехот треба да се бара во партнерства за настап на светскиот пазар

ИНТЕРВЈУ


Глигор Дачевски, основач на doXteam и ИТ претприемач


 

DоXteam е една од водечките компании за развој на софтверски решенија во Македонија, чиј основач и директор e Глигор Дачевски. Формирана е во 2008 година и досега има изградено повеќе технологии кои претставуваат голем чекор напред во развојот на корпоративен софтвер и кои се користат на светскиот пазар.
Глигор Дачевски важи за човек кој отсекогаш бил посветен на програмирањето и кои во развивањето на нови производи и решенија влегува со срце и знаење, кои несебично ги дели и со младите програмери.
За ИзвозМК Дачевски зборува кој е патот за успех на една фирма од ИТ индустријата на глобалниот пазар и како да се зголеми извозот на информациски и комуникациски услуги од земјава.

 

Г-дине Дачевски, долго време сте активен и ја познавате македонската ИТ индустрија. Покрај развојот на софтвер, успешен сте и како претприемач, преку основање и развој на компанија за софтверски решенија, која е многу успешна и на меѓународен план. На што конкретно работите и кои се поголемите успеси на меѓународен план ?

 

Во моментов работиме на спојување на нашата фирма Doxteam Services и нашиот долгогодишен партнер Alite International од Малме, Шведска. Спојувањето на двете компании го почнавме на почетокот на годината и требаше да заврши досега, ама појавата на Ковид 19 го забави самиот процес.
Инаку, во моментов го прославуваме 100 тиот “спринт” на проектот за нашиот клиент Недерман. Недерман е една од најголемите компании во светот, шведско/германска корпорација која произведува опрема за прочистување на воздух за индустриски потреби и големи фабрички хали. 100 спринта е рамно на 200 недели или период од 4 години. Од мал експериментален проект, успеавме да ги убедиме нашите клиенти да понудат дигитално решение платформа која во иднина ќе го движи нивниот бизнис. Уште еден поголем проект кој е “во движење” веќе четири години е континуираниот развој на дигиталната платформа на најголемата реосигурителна компанија во светот со седиште во Цирих, Швајцарија (не можам да го откријам името од деловни причини). Баш деновиве објавија дека секторот за кој ние ги развивавме и технологијата и софтверот, од 2021 година ќе стане независна дивизија, што е многу голем успех за нив, а секако и за нас, бидејќи со знаење и срце влеговме во тој проект.
Уште еднаш да истакнам дека во двата проекта технологијата е комплетно развиена во Македонија, а за осигурувањето дел од платформата ја гради и тим на нашиот партнер од Белград. Во моментов оперираме како една компанија иако процесот на спојување формално-правно не е завршен.

 

Бидејќи фокусот на порталот ИзвозМК е кон извозот на македонски производи и услуги, кој е  Вашиот став за потенцијалите за извоз на македонската ИКТ индустрија? Податоците покажуваат дека има постојан раст на извозот во изминатите пет години, а лани надмина 180 милиони евра. Но, познавачите на индустријата велат дека голем дел од овој извоз се доработки, што не е некој голем напредок. Како да се зголеми извозот на ИТ услуги од земјава?

Генерално, од почетокот на мојата кариера во ИТ бизнисот уште од 1999 година, сум сметал дека Македонија е мал пазар и дека “среќата” треба да си ја бараме на глобалниот светски пазар. Уште од самите почетоци при крајот на 90-тите почнав со работа на ИТ проекти “клуч на рака” што би рекле градежниците, комплетниот инженеринг, развојот на софтверот и неговото комплетно пуштање во работа ги правевме ние како еден тим. За потоа во 2010 година да се појавиме со продукт “Sportypal” со кој освојувавме награди по светот и се разбира имавме седумцифрен број на корисници. Или, пак, сега со партнерството-спојувањето со Alite International, каде покрај развој на технологија и софтвер ние нудиме стратешко поставување на продуктите на клиентот и маркетиншка покриеност во дигиталната сфера на живеењето.
Со еден збор “one stop shop” или комплетна поддршка на нашите клиенти во секој дел од развојот на нивните дигитални, па и физички продукти во дигиталниот свет. Се разбира овој тип на сервиси се со висока додадена вредност и повеќе се ценат од доработките, додека, пак, софтверските продукти доколку постигнат поголема количина на продажба се најпрофитабилни.

 

Што е клучно или кој е пристапот кој треба да се има за да една ИТ компанија да излезе и да успее на странски пазар. Вие отсекогаш се залагате за развој на производи, односно развој на софтверски решенија, а не за лон доработки на кодови, каде веројатно е полесно да се најдат клиенти.

Тука лежи и одговорот за начинот на зголемување на извозот. Развој на технологија и продукти се најпрофитабилни ако успеат. Ама тоа не е лесно. Еве ние успеавме да ја развиеме најдобрата апликација за спорт и рекреација Sportypal, склучивме и договори со светските гиганти како Сони и Полар, па и партнерски договори со Интел, ама успехот иако беше значаен, не беше планетарен, од проста причина што не најдовме соодветен стратешки партнер како дел од нашите конкуренти кои тоа го направија.
Мене ме радува дека има компании кои сами излегоа на пазарот и бележат раст како EmbedSocial која е платформа за приказ на доказ на вебсајтовите на компаниите со цел зголемување на довербата кај нивните клиенти. Во моментов е единствена комплетно македонски стартап кој бележи раст на светскиот пазар, а морам да кажам дека го освојува и Јапан. Убави резултати покажуваат и компаниите како InPlayer, H4 и Cognism каде техничкиот дел од основачите и техничкиот и управувачки кадар се од Македонија, а делот од раководење со продажбата и бизнисот го држат луѓе од локалните странски пазари.
Ова очигледно е опцијата за успех. Ние го почувствуваме истото, па некако природно после четири години заедничко работење со Alite International дојде потребата за спојување.

 

Каква поддршка или каков систем на мерки би помогнале за да се олесни развојот на успешни и извозно ориентирани ИТ компании?  Што е она што најмногу недостасува и што би било најдобра поддршка, пристап до поволни финансии, даночни ослободувања …? Кои концепти даваат резултати во другите земји?

Мерките кои ги донесоа претходните години со Фондот на иновации би можеле да дадат некаков резултат. Сепак, во избраните проекти имаше еден дел кој би можеле да направат продор ако успешно се извршат.

Јас сум за даночни олеснувања, но тие да бидат врзани со некој тип на инвестиции, како на пример, да се ослобудуваат фирмите кои инвестирале во развој, раст, или евентуално во продукт.

Во Велика Британија резултати дава даночното ослободување при инвестирање во стартапите. Секој што ќе инвестира одреден дел од добивката во стартап (се разбира според одредени критериуми) се ослободува од дел од добивката. Еве на пример ние – Alite International во Малме, отворивме стартуп инкубатор за IoT па комбинираме иновативност од стартапите и нашето искуство за да направиме продор на пазарот.

-Кога се зборува за развој на ИТ индустрија, една од големите пречки која многу компании ја посочуваат е работната сила, односно реалноста во која добрите ИТ инженери се или скапи да се платат или си заминуваат од земјава? Вие почнавте со еден нов пристап на делење на удели во компанијата со цел да ги мотивирате и да ги задржите добрите кадри. Кој е вашиот став како може да се надмине овој проблем?

Најголемиот мотив на програмерите е типот на проекти, примањата како и работната околина, се разбира и општата околина. Единствено нешто што како фирми не можеме или малку можеме да влијаеме е општата околина и тоа е нешто што ако се поправи ќе има помалку одлив на кадар од Македонија. За платите едноставно е: фирмите мора да бидат попрофитабилни и да имаат конкурентски плати.

Главната цел при давањето на удел на некои вработени кои го носат работниот процес беше не толку да ги задржам, туку сериозно да ги почувствуваат бенефитите од нивното работење и управување. Кај нас вредноста на фирмите тешко ќе порасне како западните, ама за разлика од таму, пак, процентите што ги добија моите вработени се движат од 1% до 20%, а на запад од 0,01% до 1% најмногу. Со ваков висок удел дел од нив имаат и сериозен импакт во носењето на одлуките.

Ако треба да дадете неколку најважни совети на некоја фирма која сака да успее на странскиот пазар со ИТ производи и решенија, кои би биле тие?

Генерално, треба да градат стабилни и добри партнерства со компании и луѓе каде што двете страни ќе имаат бенефит.

Живееме во време кога дигитализацијата се наметнува како предуслов за водење на успешен бизнис. Тоа само се потенцираше посилно со корона вирусот. Во која насока би требало да се реформираат компаниите и македонската економија? Кои се трендовите кои ќе бидат неизбежни?

Насоката е комплетна дигитализација, не заради самата дигитализација, туку заради потребата да се биде поконкурентен. Ако имате добар вебсајт веќе сте во предност, ако имате автоматизиран маркетинг уште повеќе ги зголемувате шансите за подобар бизнис, ако имате систем на набавки што ќе планира и нарачува попрецизно имате предност, ако имате оптимизирано производство имате конкурентен производ. Од тука произлегува дигитализацијата, доколку секој сегмент од набавка, производство или, пак, продажба е максимално дигитализиран-оптимизиран тогаш производот е поконкурентен полесно се продава на пазарот.