ИНТЕРВЈУ
ГЛИГОР ЦВЕТАНОВ, извршен директор на Макпрогрес, Виница
Кондиторската компанија “Макпрогрес” од Виница е најголем извозник од прехранбената индустрија, чии производи се извезуваат во над 50 држави низ целиот свет. Минатата 2019 година консолидираниот извоз на Макпрогрес и компанијата Дониа, која е исто така во нејзина сопственост, достигна околу 20 милиони евра.
Првиот човек на Макрпрогрес, Глигор Цветанов, во интервју за едицијата Топ 100 Извозници, која ја издаде специјализираниот портал Извоз.МК зборува за последиците и промените кои ги предизвика пандемијата со Ковид 19, заидните развојни планови на компанијата, како и за економските политики кои се потребни за поголем и поконкурентен извоз.
Макпрогрес е наголем извозник од прехранбената индустрија во земјава. Со колкав извоз ја завршивте минатата година и какви се проценките и очекувањата за годинава?
Цветанов: Неколку години по ред Макпрогрес Виница е најголемиот извозник на прехранбени производи од Македонија. Минатата година имавме извоз од преку 19 милиони евра, а консолидирано заедно со компанијата Дониа од Прилеп, извозот е преку 20 милиони евра. Производите на Макпрогрес се извезуваат во повеќе од 50 држави ширум светот.
За годинава имавме оптимистичен план кој го базиравме на претходно планираниот развој и инвестиции во нови капацитети и нови производи.
Актуелната криза со Ковид19 ги помати сметките со плановите и направи стратегијата на раст да ја замениме со стратегија на одржување на постојните позиции, па за годинава би биле задоволни ако ја завршиме со ист извоз како минатата година.
Непредвидливоста на скоро сите пазари е се уште актуелна и навистина во моментов секакви процени и очекувања би биле неблагодарни.
Пандемијата со корона вирусот предизвика пореметување во глобалната трговија и синџирите за снабдување. Со какви проблеми се соочува Макпрогрес во производството и извозот?
Цветанов: Од почетокот на појавата на Корона вирусот во Макпрогрес превземавме низа активности за превенција на нашите вработени, но истовремено и да ја одржиме економската активност и да ги задоволиме барањата на потрошувачите ширум светот.
Хронолошки, мерките досега беа воведувани во фази на пет нивоа, од кои последното највисоко ниво се уште е во важност. Земајќи во предвид дека имаме големи конекции со Италија, и како компанија, но и како регион во кој живеат многу печалбари кои се на работа во Италија, уште со појавата на корона вирусот во Италија, до сите одговорни на сектори во компанијата доставивме информација за превенција и заштита од овој вирус со напомена за посебно внимавање на личната хигиена, чести проветрувања на просториите каде работиме и престојуваме, исклучително високо ниво на хигиена во фабричкиот ресторан каде што се подготвува храна за вработените. Во сите фабрики и производни погони на Макпрогрес дезинфекцијата и задолжително носење маски е стандард. Понатаму, мерките ги подингавме на повисоки ниво превземајки повисоко ниво на заштита како мерење на температура на влез на сите вработени, забрана за одржување на состаноци со надворешни лица, анкета со сите вработени, засилена дезинфекција, зголемена социјална дистанца во фабричкиот влез, двор и во фабричката менза, откажување на сите интерни состаноци, дезинфекција на сите возила кои влегуваат во фабричкиот круг, забрана за контакт со надворешните возачи, зголемување на капацитетот на превоз на работниците, систем на ротација односно поделба на вработените во две групи кои наизменично започнаа да ротираат по две работни недели, вршење на работа од дома каде што тоа беше возможно, скратување на работното време, ја укинавме комуникацијата помеѓу секторите, помеѓу управата и производните погони, воведување на нов начин на сменско работење и примопредавање на смени со цел да не постои физички контакт, како и нов начин за управување со документацијата единствено преку едно лице со максимално ниво на заштитна облека.
Како што кризата се развиваше во нашата земја со вонредните мерки и ограничувањата на движење со истите предизвици се соочуваа и земјите во регионов, во Европа и ширум светот. Предизвиците со кои се соочувавме на извозните пазари беа слични со тие и кај нас, од целосен карантин во Италија до сериозни карантини и ограничување на движењето во скоро сите земји на регионов и на Европа, затворање на училиштата, затворање на хорека секторот, а сето тоа допринесе до намалување на побарувачката и од извозните пазари. Најпрвин, Италија целосно ги откажа нарачките поради затворање на границите и на компаниите, понатаму се затворија границите на Словенија, Хрватска и други земји, па неколку дена имавме застој поради неможност да испорачаме. Добро е што нашата влада, но и владите на државите во регионот и во Европа му дадоа приоритет на патувањето на стоките па застојот се мереше во денови што на некој начин помогна да штетите се намалат.
Владата излезе со одреден пакет мерки за помош на економијата за најпогодените фирми и за поттикнување на домашната потрошувачка. Како гледате на нив, да ли се ефикасни и дали сметате дека во следна фаза би требало конкретни мерки наменети за оние компании кои имаат потенцијал да го забрзаат економското закрепнување ?
Цветанов: Во поглед на економскиот аспект, иако е се уште рано да се видат крајните последици и финалниот цех на здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата со корона вирусот, штетите кои се настанати се повеќе од евидентни.
Борбата со справување со последиците од вирусот ќе продолжи да се води на повеќе нивоа во општеството. Сега е моментот кога сите ние мора да бидеме повеќе солидарни и повеќе општествено одговорни. Како една од поголемите и поуспешните компании ја следиме ситуацијата и во рамки на можностите срдечно помагаме секаде каде што сме во можност.
Досега, финансиски дониравме средства на Министерство за здравство за набавка на опрема за инфективните клиники и на ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола за набавка на опрема за тестирање на вирусот, а на повеќе хуманитарни, невладини и други организации дониравме прехранбени пакети и производи.
Бидејќи сме ликвидни, одлучивме да помогнеме и со тоа што нема да побаруваме државна помош за исплата на плати за вработените кои не се на работа.
На компаниите им е потребна помош и добро е што државата имаше слух за тоа и воведе мерки за помош на најзагрозените компании во обезбедување помош за исплата на плати на вработените. Потикнувањето на домашната потрошувачка е уште позначаен чекор затоа што ја компензираше делумно намалената побарувачка и сврте во оптек средства кои, пак, се вратија во компаниите, населението и назад во државата.
Новата влада ќе има сериозен проблем, бидејќи кризата уште повеќе ќе се продлабочува. Светски големи компании пропаѓаат, големи економски сили се во рецесија и ние како држава дефинитивно нема да останеме настрана од ова.
Пандемијата со корона кризата предизвикува промени во начинот на однесување и купување на потрошувачите. Кои се главните промени во кондиторската индустрија и какви промени планира да воведе Макпрогрес во работењето за да се прилагодите кон нив?
Цветанов: Рестрикциите придонесоа да потрошувачите ги сменат своите приоритети и начини за купување. Во некои случаи и панично се купуваа залихи на основна храна, но и во некои држави имаа ограничена можност и време да посетат супермаркет, што дополнително влијаеше врз намалување на потрошувачката. Главни промени во кондиторската индустрија се дека потрошувачите станаа попретпазливи кога се работи за нивното здравје и поради ограниченото движење и укинување на школите, потрошувачката на импулсните производи е доста намалена. Ние во Макпрогрес периодов максимално го искористивме за развој на нови производи од кои некои ги лансиравме, а некои ќе ги лансираме во следниот период. Како нов проект прилагоден на потребите на потрошувачите ги лансиравме Винчини Баланс житните барови во 3 вкуса кои се поздрава варијанта на ужинка со само 89 калории.
На колку пазари моментално извезува Макпрогрес и кои се главни извозни пазари? Планирате ли влез на некои нови пазари?
Цветанов: Моментално извезуваме на педесетина пазари ширум светот, а главни се нашите традиционални пазари на Западен Балкан, Централна и Југоисточна Европа, па понатаму земјите од Западна Европа и прекуокеанските земји.
Како водечки кондиторски производител остануваме посветени на силна извозна активност на странските пазари.
Во континуитет истражуваме и отвараме и нови пазари, досега непознати за нашите извозни компании. Моментално сме во преговори со клиенти во Индија, како и неколку други држави во далечниот Исток и држави во јужна Америка.
Кои се плановите за развој на компанијата? Најавивте нови инвестиции во Институт за квалитет, енергетска ефикасност…Дали и како кризата ќе влијае врз развојниот план на Макпрогрес?
Цветанов: И покрај актуелната криза, не го менуваме зацртаниот развоен пат. Остануваме на патот на континуирани инвестиции и подобрување на конкурентноста. Во последниве месеци продолжија инвестициите во изградба и оформување на Институт за развој во чии рамки со поддршка на ЕБОР креираме и регионална менаџмент академија, како и мини курсеви за обука и подобрување на вештини на нашите вработени.
Освен инвестициите во човечкиот капитал, нашите инвестиции продолжуваат и во нови производни хали наменети за иден развој на капацитети како и во подобрување на енергетската ефикасност, продуктивноста и автоматизацијата, како би останале конкурентни.
И понатаму ќе продолжиме да работиме напорно да ја одржиме економската активност, да ги задоволуваме потребите на потрошувачите на сите пазари каде што работиме, а воедно заштитувајќи го здравјето на сите наши вработени, клиенти и добавувачи и секако да активно помагаме и допринесуваме на заедницата.
На листата ТОП 100 најголеми извозници има повеќе компании од кондиторската индустрија, која е една од индустриите чиј извоз се зголемува континуирано низ годиниве. Колкав потенцијал има оваа индустрија за зголемување на извозот и кои мерки или би помогнале да се зголеми производството и извозот ?
Цветанов: Од година во година извозот на кондиторски производи е во пораст, а во пораст се и новите производствени капацитети. Домашните кондиторски производи се квалитетни, индустријата има солидна база на квалитетни суровини и знаење да направи и одржува квалитет во работењето. На најголемиот саем за кондиторија ИСМ во Келн Германија годинава се претставија десет компании од Македонија, што е своевиден рекорд досега и пример за останатите држави во регионов.
Извозот е многу важен, а суштински за мала држава како нашата. Зголемувањето на извозот носи поголема вработеност, повисоки плати, подобар животен стандард и поголеми девизни резерви. За да го зголемиме извозот како држава потребна е многу работа. Првенствено работата е на компаниите, но голем дел е и на државата.
Компаниите треба да се прилагодуваат на пазарите со својата понуда и да ја одржуваат конкурентноста преку подобрување на продуктивноста и ефикасноста. Клучна е упорноста и истрајноста во намерите за извоз и да ги искористиме можностите кои се насекаде околу нас, но треба да ги препознаеме и искористиме.
Државата треба да креира политики за подобрување на економијата, општествениот живот и инфраструктурата како би се спречило иселување поттикнато од неекономски причини, бидејки без соодветни кадри безпредметно е да зборуваме за раст, развој и зголемување на извозот. Економските политики треба да бидат насочени претежно кон зголемување на конкурентноста за извоз и насочување на компаниите кон извоз, но и кон генерално подобрување на економските состојби.
Како некои конкретни предлог мерки и идеи би предложил намалување на бројот на државни празници, зошто нашите компании се млади и потребно им е да работат повеќе и понапорно за да може да остварат подобри резултати и да ги платат вработените подобро и да бидат поефикасни и поконкурентни. Мора да се подобри ефикасноста и услугата на државната администрација и да се намали парафискалните давачки кои се голем реален трошок на компаниите.
Понатаму, потребно е државата посеризно да работи на потпишување договори за слободна трговија со земјите од Магреб и Блиски исток и да го олабават многу строгиот визен режим со тие земји. Бидејќи земјите од ЕУ веќе имаат слободна трговија со овие земји преку пан-еуро-мед конвенцијата, би било пожелно кога ќе се отворат преговорите со ЕУ, нашите преговарачи да побараат да ни се овозможи да ги користиме преференцијалите уште на самиот старт на преговорите, а не дури кога ќе станеме членка на ЕУ.
Конечно, треба да се стави крај на сивата економија и незаконското работење, бидејќи постојат многу случаи на неиздавање фискални сметки, увоз на сомнителни производи по квалитет и без декларација и царинење на кило, работење на црно… Со подобрување на наплатата на давачките државата ќе има повеќе средства да реално инвестира во подобрување на здравство, образование, инфраструктурата, безбедност, како и во подршката на економијата, а да не прави дополнителни задолжувања или дополнително фискално зафаќање од компаниите кои работат целосно законски.