Глобалниот долг се искачи на ново рекордно ниво од скоро 300 трилиони американски долари во вториот квартал, но односот долг кон БДП се намали за прв пат од почетокот на пандемијата, бидејќи економскиот раст заздравува, објави Институтот за меѓународни финансии IIF (Institute of International Finance).
Вкупните нивоа на долг, кои вклучуваат долг на владата, домаќинствата и корпорациите и банките, се зголемија за 4,8 трилиони долари на 296 трилиони долари на крајот на јуни, по благиот пад во првиот квартал, што е 36 трилиони долари над нивото пред пандемијата.
„Ако задолжувањето продолжи со ова темпо, очекуваме глобалниот долг да надмине 300 трилиони долари“, рече Емре Тифтик, директор за истражување на одржливост на Институтот.
Порастот на нивото на долгот беше најостар меѓу пазарите во развој, при што вкупниот долг се зголеми за 3,5 трилиони долари во вториот квартал од претходните три месеци и достигна речиси 92 трилиони долари.
Како позитивен знак за изгледите за долгот е информацијата дека има пад на односот на глобалниот долг кон БДП за прв пат од појавата на кризата со коронавирус.
Долгот како дел од бруто домашниот производ падна на околу 353% во вториот квартал, од рекордно високо ниво од 362% во првите три месеци од оваа година.
Од 61 земја што ја набудувале, 51 забележала пад на нивото на долгот кон БДП, главно како последица на силниот пораст на економската активност, се вели во Извештајот.
Но, се додава дека во многу случаи закрепнувањето не било доволно силно за да ги врати односите на долгот под нивото пред пандемијата.
Според Институот, вкупните стапки на долг кон БДП без финансискиот сектор се под нивото пред пандемијата во само во пет земји: Мексико, Аргентина, Данска, Ирска и Либан.
Извор: Reuters