Годишната инфлација во ЕУ се зголеми на 2% во април, од 1,7% во март.
Инфлацијата во ЕУ во април минатата година беше 0,7%, покажуваат податоците на Евростат.
Годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 1,6% во април, што е раст во однос на инфлацијата од 1,3% во март, додека истиот месец една година порано инфлацијата во еврозоната изнесуваше 0,3%.
Во април, најголемиот придонес кон годишната стапка на инфлација во еврозоната дојде од енергијата (0,96 процентни поени), проследено со услуги (0,37 п.п.), храна, алкохол и тутун (0,16 п.п.) и неенергетски индустриски добра (0,12 п.п.) .
Во споредба со март, годишната инфлација во април се намали во три земји-членки, остана стабилна во една и порасна во 23 земји.
Земјите со најниска стапка на инфлација во април се Грција (-1,1%), Португалија (-0,1%) и Малта (0,1%).
Од друга страна, највисоки годишни стапки се забележани во Унгарија (5,2%), Полска (5,1%) и Луксембург (3,3%), според податоците на Евростат.