Големите производни и извозни компании со странски капитал бараат мерки за поддршка од државата за полесно да ги надминат големите штети кои ги трпат заради корона вирусот и мерките за спречување на неговото ширење.

Поголемиот дел од големите извозни компании кои работат во и надвор од зоните се соочени со намалено производството и голем пад на нарачките од странство, што предизвикува сериозен пад на извозот, но и проблеми со ликвидноста, имајќи во предвид дека тие се претежно извозно ориентирани.

Покрај напорите на самите компании со сопствени ресурси и средства да придонесат за полесно надминување на економските последици, за нив е многу значајно и добредојдено и државата да помогне со одредени мерки за зачувување на работните места и ликвидноста на компаните.

Економските мерки за поддршка на стопанството за справување со последиците од Ковид-19 беа главна тема на дискусија и на денешната онлајн седница на Советот на инвеститори при Стопанската комора на Македонија, при што беше констатирано дека постои огромна неизвесност за перспективата, за времетраењето на пандемијата, како и за прашањето дали ситуацијата може да се влоши.
“Она што е особено значајно за самите компании (особено за големите компании од областа на производството и услугите), но и за економијата во целина е дека компаниите се обидуваат на секој можен начин да ги задржат своите вработени, односно да нема отпуштања, но за да можат компаниите ова да го одржат и во наредниот период во услови на намалено производство и намален извоз, па и кратење на непродуктивните трошоци, секако дека добредојдени ќе бидат мерките на државата кои се во насока на зачувување на ликвидноста на компаниите. Ова е поради фактот што придонесот на големите индустриски капацитети – членки на Советот на странските инвеститори, врз националната економија е огромен. Поддршката на големите компании, не само странските, туку и домашните, би придонела исто така и за брзо надминување на кризата и закрепнување на економијата, заради придонесот врз големиот број на вработувања”, велат од Советот на странски инвеститори.

Пред околу десетина дена наводно до Владата се доставени и предлог мерки кои би можеле да бидат од помош и за компаниите, но и за државниот буџет и економијата.

Во предлог мерките до кои дојде Извоз.МК се предлага одложување на плаќањето на придонесите за период од 6 до 9 месеци или додека трае состојбата со корона кризата, како и одложување на даночните обврски за ДДВ и другите даноци за период од 6 до 9 месеци со цел со тие пари да се подобри ликвидноста и да се избегнат евентуални проблеми околу исплата на платите и трошоците.

Уште една мерка, која се бара веќе подолго време, е и усогласување и намалување на царинските стапки на ниво со стапките за увоз во земјите членки, што би помогнало во намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста.

Во предлог мерките се бара и големите индустриски капацитети да имаат пристап до кредитни линии со ниски камати за набавка на суровини и сл, како и олеснување на пристапот до финансии, вклучително и обезбедување на гаранции, откуп на побарувања и слично.

Во дописот до Владата исто така се предлага за големите извозни капацитети од преработувачката индустрија, кои најмалку 80% од производството им е наменето за извоз, а кои имаат 30% пад на приходите, да бидат креирани мерки за субвенционирање на бруто платата на вработените за време на вонредната состојба.
Конкретно, се бара субвенционирање на 50% од платата за месец март за сите вработени или за вработените кои отсуствувале од работа поради мерките донесени од страна на Владата.
За месеците април, мај и јуни, пак, се предлага субвенционирање на 50% од бруто платата за сите вработени, при што максималниот износ на помошта ќе биде 50.000 денари.
Компаниите би имале обврска да го задржат просечниот број на вработените (во периодот април- мај за кога ќе се користи помошта) до крајот на годината, а за секое незадржано работно место да вратат во буџетот 50% од износот на просечната бруто плата во Македонија во февруари 2020 година.

Имајќи ја во предвид ослабената кондиција на државниот буџет од корона кризата, извозните компании предлагаат исплатата на поддршката да биде одложена до крајот на годинава или средина на следната 2021 година.

Во неодамна спроведеното истражувањето на ОЕЦД, Македонија се посочува како единствена држава од Западен Балкан која го ограничила пристапот до мерките за поддршка, како и одлагањето на даночните обврски, само на одредени сектори како туризмот, транспортот и услужниот сектор.

Допрва почнуваат проблемите со ликвидност и пад на извозот

Неодамнешната анкета која Стопанската комора на Македонија ја направи меѓу компаниите членки, компании кои создаваат 1,5 милијарди евра приходи годишно,  покажа дека голем дел од компаниите се соочуваат со намалување на производството и проблеми на недостаток на суровини, а поголемиот од нив очекуваат значително полоши резултати во април и намалување на производството и до 50%.

Најголемите проблеми со ликвидноста и намалувањето на извозот се очекуваат во мај и јуни. Анкетата на Комората покажа дека 13% од компаниите очекуваат пад на извозот од над 50% за март, а 15% од компаниите изјавиле дека очекуваат такво преполовување на извозот во април.
Целосен престанок на извозните активности во март пријавиле дека имаат 15% од компаниите, а 22% од нив дека очекуваат целосен престанок на извозните активности во април.
Заради ваквите лоши резултати, дури 56% од компаниите очекуваат да имаат проблеми со ликвидноста.

Овие резултати од анкетата веќе почнаа да се потврдуваат и од статистиката. Имено, во март македонскиот извоз забележа пад од дури 26,8%, додека увозот се намали за 17,7%. Падот во извозот е најголем токму во секторите каде што работат големите извозни компании кои се врзани за европската автомобилска индустрија, која доживува голем пад.

Индустриското производство, пак, во март се намали за 13,4%, а падот во некои од клучните извозни индустрии е над 30%.
Информациите од компаниите се дека податоците за април се далеку полоши од овие во март, со оглед дека голем дел од индустријата и фабриките не работеа заради мерките за спречување на корона вирусот и заради големото затворање кое се случи и во европската автомобилска индустрија.

Очигледно, овие резултати се само првичен сигнал дека најтешкото време за економијата допрва доаѓа и дека во следниот период целиот фокус треба да биде насочен како економијата да се поттикне за побрзо да заздрави и да се врати на патеката на раст.