КОЛУМНА
ГОРАН ДАМОВСКИ, тим лидер на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост-ИМЕ
Континуитетот на глобалното снабдување со храна во услови кога се очекува бројот на населението да се зголеми на 9,7 милијарди до средината на 21 век се соочува со огромни предизвици од аспект на климатските промени.
Специјалниот извештај на меѓународниот панел на Обединетите нации за климатски промени, предвидува пад од 2% до 6% на глобалните приноси секоја наредна деценија, како резултат на нестабилноста на временските услови, високите температури, менувањето на сезоните и другите симптоми како резултат на глобалното затоплување.
Загрижувачките сигнали кои нашата планета секојдневно ни ги испраќа, како катастрофални бури, поплави, суши, ги натера и најголемите светски сили на своите агенди да ги постават климатските промени.
Европската унија воспостави систем на мерки, регулативи и стратегии преку кои нејзините земји-членки ќе можат да се справат со предизвиците на климатските промени и истовремено ќе ја заштитат животната средина. ЕУ го презентираше „Зелениот договор“ чијашто главна цел е создавање на одржлива, климатски-неутрална Европа до 2050 година, што ќе биде двигател на инвестициите и растот.
Земјоделството, несомнено игра една од клучните улоги во исполнување на проекцијата за намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 55% до 2030 година, што воедно ќе бара поголем удел на енергија од обновливи извори и зголемена енергетска ефикасност. Согласно европската зелена агенда неопходно е управување со транзицијата кон поодржлив систем на храна, зајакнување на напорите на земјоделското производство за справување со климатските промени, како и заштита на животната средина и зачувување на биолошката разновидност.
Воспоставување на систем во кој земјоделското производство ги намалува негативните влијанија врз животната средина преку ефикасно користење, зачувување и подобрување на квалитетот на природните ресурси ја претставува основата на одржливото земјоделство на долг рок. Според тоа, не е ни за изненадување што земјоделскиот сектор, е од суштинско значење во постигнување на целите на главната стратегија на европската зелена агенда –
„The Farm to Fork“, која заедно со „Biodiversity Strategy 2030“ и акциониот план за “Net Zero” – нула загадување на воздухот, водата и почвата, имаат за цел да го усогласат производството на храна со заштитата на животната средина, истовремено поттикнувајќи ги инвестициите и одржливото производство.
Стратегиите имаат конкретно поставени таргети, кои европските земји, а понатаму и нивните добавувачи, треба да ги применат во определен временски период.
Имено, фокусот на европската зелена агенда преку „Farm to Fork” стратегијата е трансформирање на системот за храна во ЕУ, преку намалување од 50% на употребата и ризикот од пестициди, намалување за најмалку 20% на употребата на ѓубрива, намалување за 50% на продажбата на нтимикробни средства и достигнувајќи 25% од земјоделското земјиште под органско земјоделство.
Бројни истражувања покажуваат дека емисијата на стакленички гасови од органското производство е помала во споредба со конвенционалното земјоделство, како резултат на типот на материјал и ѓубрива коишто се користат. Истовремено, органското земјоделство обезбедува околу 30% повеќе биодиверзитет отколку конвенционалното.
Имајќи ја во предвид трговската зависност на нашата економија од европскиот пазар, неминовно е државата преку своите инструменти, но и компаниите во своето работење да ги следат овие таргети и постепено да се прилагодуваат на новите европски правци кон градење на одржлив систем на земјоделско производство кој ќе биде отпорен на климатските промени.
Во изминатиот период во нашата земја, има постепено зголемување на бројот на производители на органски производи, од 100 во 2006 година до над 900 во 2023 година. Но, сепак станува збор за мали фарми, со ограничено производство кои оперираат во услови на слаба домашна побарувачка и недоволен капацитет за извоз. Следствено, само 0,4% од земјоделското земјиште се користи за органско производство, што е далеку од европскиот таргет (25%).
Програмата за зголемување на пазарната вработливост-ИМЕ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) активно учествува во поддршката на органското производство, во моментов подржувајќи над 20 компании во нивниот процес на конверзија во органско производство на површина од 300ха, воведување на нови органски производи, додавање вредност и зголемување на продажбата на органските производи на домашниот и странскиот пазар. Дополнително 12 компании за примарно производство се поддржани во воведување на Глобал ГАП и Грасп стандардите, а 28 преработувачки капацитети да се здобијат со ИСО 22000 системот и ИФС стандардот за безбедност и квалитет на прехрамбените производи.
Техничка помош е обезбедена и во процесот на креирање на новиот Закон за органско производство, кој е прилагоден на новите европски регулативи и би требало да биде усвоен до крајот на годината, а во моментов се работи и на усогласување на листата на дозволени инпути за органско производство, како и на регистерот на органски оператори. На овој начин ќе се обезбедат предуслови македонските производители непречено да продолжат да ги пласираат своите органски производи на eвропскиот пазар.
Треба да се има во предвид дека побарувачката на органски производи и здрава храна на европскиот пазар е во постојан пораст, што дава можност на нашите компании да земат поголемо учество на пазарот, но само доколку во целост се прилагодат на европските барања. Следствено, неопходен е поголем фокус на развојот на органското производство како една од главните компоненти во градење на одржливо земјоделство во нашата земја.
Согласно европската зелена агенда и целите за намалување на емисијата на јаглероден диоксид, фокусот е ставен на прилагодувањето на земјоделското производство и унапредување на транспортот. Со новиот европски ЦБАМ (CBAM – Carbon Border Adjustment Mechanism) механизам од почетокот на 2026 година, ЕУ ќе наплаќа на границите давачка на сите кои внесуваат производи од странство во чие производство се испуштил премногу јаглерод диоксид. На почеток неговата примена ќе биде постепена и ќе се однесува само на стоки со висок ризик од ослободување на CO2. Иницијално, давачката ќе го регулира прилагодувањето на ослободениот јаглероден диоксид за производи во енергетски интензивни индустрии (цемент, електрична енергија, железо и челик, ѓубрива и хидроген).
Од 2026 година, патниот транспорт ќе биде регулиран со системот за контрола на емисиите на јаглероден диоксид, со што ќе се дефинира цената на загадување, почистата употреба на гориво и инвестирање во чисти технологии со цел намалување на емисиите на јаглероден диоксид од 55% кај автомобилите и 50% кај комбињата до 2030 година, како и нула емисии од нови автомобили до 2035 година.
Во наредниот период се очекува овој механизам да почне да се применува и за други производи, со цел натамошно намалување на емисиите на јаглероден диоксид. Големите дистрибутивни компании и ланци на супермаркети во Европа веќе забрзано се подготвуваат преку идентификувње на поблиски извори на снабдување што можат да ги исполнат овие критериуми. Имајќи ја во предвид близината до европскиот пазар, македонските компании се во подобра позиција од многу други подалечни земји на снабдување. Затоа, домашните компании и владата, треба да го искористат овој период, забрзано да работат на усогласување и да ги насочат своите програми и инвестиции кон одржливо еколошко производство што ќе овозможи приближување кон европските норми за помала емисија на CО2. На овој начин, преку креирање на стабилни и континуирани трговски врски со европските партнери, ќе се создадат услови за зголемено инвестирање во планско производството и поголем пласман на земјоделските производи.
За исполнувањето на целите од зелената агенда, покрај се поголемиот недостаток на работна сила, како и несигурен пласман на производите, дополнителен предизвик за земјоделството во нашата земја е и управувањето со отпадот. Имено, земјоделскиот органски отпад најчесто завршува на различни депонии, регулирани или диви. Неговото разградување ја загадува почвата и подземните води, а ослободува и метан кој предизвикува неконтролирани пожари и оди во атмосферата како еден од најголемите непријатели на озонската обвивка. Поради тоа сé повеќе се актуелизира потребата за намалување и искористување на отпадот од земјоделското производство и преработката на храна во создавање на биогас кој се користи за производство на енергија во биоелектраните, а како нуспроизвод се добива компост кој се користи за ѓубрење на почвата. Зголемување на еколошката свесност на компаниите и правилното менаџирање на отпадот од земјоделско-прехрамбениот сектор ќе биде неопходен процес кој истовремено ќе придонесе кон заштита на животната средина, но и намалување на оперативните трошоци и креирање на додадена вредност во системот.
Со цел да се зголеми разбирањето на ризиците поврзани со климатските промени, како и начинот на кој компаниите ќе се соочат со нив, ЕУ во наредниот период ќе бара од компаниите да достават информации за енергетската ефикасност, количината на CО2 што се ослободува во текот на производството и нивото на сите други штетни влијанија врз животната средина.
Во таа насока, пред почетокот на соработката со ИМЕ програмата, секоја компанија е обврзана да пополни листа за проверка според Climate, Environment and Disaster Risk Reduction Integration Guidance (CEDRIG), алатка развиена од Швајцарската агенција за развој и соработка што преставува интегрирано упатство за намалување на ризиците од негативно влијание врз климата, животната средина и намалување на ризици од катастрофи. Во листата за проверка, компаниите ги идентификуваат/оценуваат сите потенцијални ризици, како и причините за можните последици, оценувајќи ја веројатноста за идентификуваните опасности. Истовремено, го оценуваат нивото на штетност и ги идентификуваат мерките за ублажување или целосно превенирање на ризиците. На овој начин, компаниите стануваат посвесни за влијанието врз климатските промени и нивните последици, како и спремноста да одговорат на истите.
И покрај бројните предизвици, неопходно е македонските компании да се запознаат и ги прифатат европските реформи за климатски-неутрална Европа како составен дел од нивното понатамошно работење. Со воведување на напредни решенија за заштита на животната средина и справување со последиците од климатските промени, се зацврстуваат столбовите на одржливото земјоделско производство и преработка на храна и се обезбедува можност за повисока додадена вредност на производите кои ќе бидат конкурентни на регионалните и европските пазари.
(Колумната е објавена во печатеното издание на најновата едицијата ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ која излезе во ноември 2023 година.)