ИНТЕРВЈУ

МИЛАН ДАМЧЕВСКИ, член на Управен одбор во ПроКредит Банка

ПроКредит Банка слави 20 годишен јубилеј во Македонија. Започнавте од нула, а денеска сте значаен субјект во македонскиот банкарски сектор. Како гледате на досегашното работење во земјава низ призма на бројките и резултатите и што сметате дека е најголем успех кои сте го постигнале?

Дамчевски: Токму така, ПроКредит Банка е основана пред точно две децении како германска гринфилд инвестиција, без какво било спојување или преземање на други банки. Уште од самиот почеток, имавме многу јасна мисија: позитивно да влијаеме на развојот на македонската економија. Низ изминатите 20 години, еволуиравме во дигитално напредна банка од системско значење, која е истакнат играч во македонскиот банкарски сектор.

Почетоците во 2003 година беа со фокус на поддршка на многу мали и микро бизниси, кои воопшто не беа опслужувани од страна на другите банки, а беа производ на тогашната транзициска економија. ПроКредит Банка обезбеди финансирање на овие клиенти со еден уникатен пристап, изразито различен од оној на другите банки. Она што не издвојуваше беше нашиот проактивен ангажман во работењето со клиентите и активна посета на бизнисите, со што имавме можност добро да го разбереме нивното работење и да дадеме експертска советодавна и финансиска поддршка, притоа правејќи соодветна проценка на нивната кредитна способност. Позади овој висок квалитет на услуга стои посветен тим од високо квалификувани професионалци специјализирани за анализа на работењето на овие клиенти.

Тука беа поставени основите на одговорното кредитирање како принцип на работа на Банката веќе 20 години.

Така, во изминатите 20 години плодна и успешна работа во Македонија, ПроКредит Банка поддржа над 4.000 македонски компании со над 60 илјади кредити, со вкупен обем од 2,2 милијарди евра, од кои 800 милиони евра се поддршка за нови инвестиции и развој. Денес, ПроКредит Банка има кредитно портфолио од речиси половина милијарда евра, од кои 90% се кредити за поддршка на бизниси и пазарен удел од 15%. Особено е значаен и квалитетот на нашето кредитно портфолио кое е на високо ниво и континуирано изнесува под 2%, што е значително подобро од нивото на банкарскиот сектор во земјата.

Како развојно ориентирана банка со силен фокус на поддршка на малите и средни претпријатија, ПроКредит даде значаен придонес кон развојот на локалната економија, дигитализацијата, поддршка на извозот и креирање на нови работни места.

Изминативе неколку години беа навистина комплексни и за стопанството, но и за банките. Последниот период има затегнување на монетарната политика во борбата против инфлацијата и континуиран раст на референтните каматни стапки на Народната банка. Како тоа се одразува врз работењето на ПроКредит Банка и врз вашите клиенти? Какви опасности во економијата се можни од овој тренд?


Дамчевски: Македонската, но и светската економија се наоѓаат во еден деликатен период, каде бројни екстерни, политички и макроекономски фактори се одразуваат негативно врз економската клима.

Затегнувањето на монетарната политика се надоврза на веќе оптеретените синџири на снабдување, доведувајќи до ценовни шокови и галопирачка инфлација.

Очекувано, ова  најмногу ги погодува производните компании кои воедно се и најголемите извозници. Имено, производството по природа е енергетски интензивен сектор, каде зголемувањето на трошоците директно влијае на зголемување на производната цена, која не секогаш може веднаш да се пренесе на потенцијалните купувачи. Дополнително, инфлацијата која сѐ уште не е стабилизирана го отежнува планирањето во компаниите како на трошоците, така и во креирањето на крајните цени на производите. Тоа, во комбинација со зголемената неизвесност која доаѓа од промените во синџирите на снабдување и изменетите услови на плаќање кон добавувачите (авансирање, скратување на валута на плаќање, зголемена потреба од залихи на одредени репроматеријали) компаниите несомнено се соочени со голем ликвидносен притисок, од една страна, и намалени профитни стапки од друга страна.
Сепак, и покрај комплексната економска и политичка клима во која работиме, оваа година ќе биде доста успешна за ПроКредит Банка. Ќе бележиме двоцифрен раст на бројот на активни бизнис клиенти, депозитната база, работењето со гаранции, а ќе расте и кредитното портфолио, како директна финансиска поддршка на бизнисот.

Како гледате на перспективата на македонската економија во контекст на овие тектонски промени кои се случуваат на геополитички и глобален економски план? Како компаниите, посебно извозните, можат да бидат конкурентни во време кога сите трошоци на работењето се зголемуваат, а кредитната поддршка поскапува?

Дамчевски: Според мене, најдобриот пристап е фокус на квалитетот. Конкурентност треба да се гради врз основа на квалитетен инпут, квалитетен кадар и тоа да го извезуваме, односно да се направи промена од пристапот на најниска цена, во фокус на зголемен и гарантиран квалитет. Овој бизнис модел е долгорочно одржлив, а истовремено носи големи бенефити за економијата, земајќи предвид дека поголема домашна додадена вредност значи и подобар нето извоз.

Важно е да се потенцира важноста и на услужните дејности, кои со зголемената дигитализација низ текот на годините, доживеаа експоненцијален раст. Доколку сакаме да постигнеме конкурентност, потребно е да се насочиме кон развој на услужната индустрија, поддршка на ИТ секторот и извоз на интелектуален квалитет – каде сметам дека навистина имаме голем квалитет и се уште неискористен потенцијал.

Од аспект на менаџирање на трошоците, секоја компанија прво мора да направи сериозна и квалитетна анализа на сопственото работење и точно да ги утврди сите потенцијални ризици. Несомнено, приоритет на секој бизнис треба да биде соодветното планирање на ликвидноста на компаниајта. Тоа значи што поголемо усогласување на валутите и начините на плаќање помеѓу добавувачите и купувачите каде што е тоа возможно. Внимателно менаџирање со залихата и максимален фокус на осигурување на наплатата на побарувањата.

Исто така, треба да се размислува и во доменот на оптимизација од повеќе аспекти, како на пример кај тековните процеси, нивото на залиха, логистиката, но и за ревидирање на профитните центри на компанијата, па дури и откажување од недоволно профитабилните производи или услуги. Она што во оваа ситуација треба да биде императив за секоја компанија е максимално ефикасно да се користат ресурсите со кои една компанија располага.

Како ПроКредит Банка се поставува во однос на компаниите во овој период? Каква поддршка имаат клиентите од Банката која може им го олеснува работењето, извозот и настапот на стрнските пазар?     

Дамчевски: Улогата на банките во периоди на макроекономска неизвесност е од огромно значење за поддршка на бизнисот преку соодветни форми на финансирање како на потребите за ликвидност, така и за инвестициите кои ќе ја оддржат и зголемат конкурентноста на компаниите. Сепак, клучно е Банката да биде блиску до своите клиенти и преку редовна и квалитетна комуникација да е во можност соодветно и навремено да ги разбере потребите на компанијата. Токму ова е клучната компонента кај нашиот пристап во работата со клиентите. Секоја компанија има одговорен бизнис советник кој редовно го следи развојот и работењето на бизнисот, а во исто време е и добро запознаен со макроекономските случувања и како тие се одразуваат на бизнисот. Ова, дополнето со редовна, детална кредитна анализа и одобрувањето на соодветен финансиски инструмент ни дава можност секогаш брзо и навремено да реагираме на потребите на нашите бизнис клиенти.

ПроКредит Банка нуди уникатна и најекономична провизија во рамките на банкарскиот сектор кога станува збор за плаќања и надворешно трговско работење. Бевме прва банка која воведе нов и транспарентен начин на тарифирање на услугите со фиксна и еднократна провизија, без дополнителни трошоци за клиентите. Провизијата е фиксна, без разлика на износот на дознаката и изнесува само 12 ЕУР за сите SHA плаќања, а ЕУР 29 за сите OUR плаќања, без тоа да имаат трошоци за SWIFT. Дополнително клиентите добиваат и поволен девизен курс за откуп.  

Покрај тоа, нудиме исклучително брзи и економични трансфери  преку услугата ProPay. Сите плаќања кои нашите клиенти ги имаат во рамките на ПроКредит Групацијата се процесираат во текот на истиот ден, а провизијата е фиксна и изнесува само ЕУР 2.5.

Каква е развојната стратегија на ПроКредит банка во земјава и пошироко? Кои се столбовите на кои Банката ќе продолжи да функционира во следниот период и какви се плановите?

Дамчевски: Имаме високи аспирации за напредок на банката во периодот што следи. Очекувам двоцифрен раст и за физичките и за правните лица, како и двоцифрен раст на кредитното и депозитното портфолио на банката.

Ќе продолжиме со нашиот уникатен пристап на регрутација и обука нашите вработени каде даваме шанса за вработување на младите кадри, без претходно работно искуство преку нашата Онбординг програма. Нашите вработени се клучен елемент, како во постигнувањето на нашите цели, така и одржувањето на исклучителниот квалитет на услугата за нашите клиенти. Секако, одговорниот пристап кон работата, како и заложбите кон постигнување на одржливост и позитивно влијание кон општеството и животната средина ќе бидат во нашиот фокус, а ПроКредит банка ќе остане пример за одговорност и одговорно банкарско работење.