Две турски компании се во крајната фаза за избор на јавно-приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа за природен гас низ државата, информира претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

Главен услов за избор ќе биде пониска цена за приклучок, а ќе се оди со цена под 100 евра, за разлика од сегашните 500 евра. Исто така, од избраниот партнер ќе се бара да понуди евтини кредити за да можат домаќинствата полесно да се приклучат на гас. Се очекува изборот да се направи до крајот на првата половина од годинава.

– Она што е важно е дека тендерски услов кој ќе биде најбитен, ќе биде најниската цена која ќе се понуди за приклучок на природен гас. Нашите очекувања се дека тоа ќе биде под 100 евра по приклучок. Тендерирањето ќе започне од 100 евра и мислам дека тоа ќе претставува придобивка за домаќинствата кои ќе имаат низок трошок за приклучување. Очекуваме од новиот јавен-приватен партнер да обезбеди и соодветни евтини кредити кои ќе им овозможат на домаќинствата да ја заменат својата инсталација на рати на повеќе години, изјави денеска Бислимоски.

Анализите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги покажуваат дека вкупната потрошувачка на природен гас минатата година во споредба со 2019 година. е зголемена за 12,5 %. Вкупно 471 потрошувачи, од кои 340 се домаќинства потрошиле над 338 милиони нормални метри кубни гас во 2020 година.
Гасна електрана-топлана Те-То АД Скопје, останува доминантен потрошувач на природен гас со околу 68% од вкупната годишна потрошувачка на државно ниво. Втор на листата по потрошени нормални метри кубни е Производство на топлина Балкан Енерџи Дооел, по што следува Макстил и ЕСМ Подружница Енергетика.

“Од година во година расте потрошувачката на природниот гас, што пак е показател дека гасот е економски најдобар енергенс, но и еколошки најдобар. Нетипични се бројките во енергетскиот сектор во годината во која ја одбележа пандемијата со Ковид 19 кога е во прашање потрошувачката на природниот гас. Податоците покажуваат зголемена потрошувачка на природен гас кај општата индустрија и тоа за 43 %, од друга страна пак за скоро 11 % е намалена потрошувачката кај металната индустрија,  помала потрошувачка минатата година има и кај технолошко индустриско
развојните зони и тоа за 16 %”, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

Од Регулаторна информираат дека во 2020 година имало 53 нови приклучоци од категоријата домаќинства, додека во 2019 регистрирани се само 14 нови приклучоци.

Од 1 јануари 2021 година на сила е одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги со која е намалена тарифата за пренос на природен гас во просек за 6,16 %.