Денеска, 1 јули, стапува на сила Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина со кој се опфатени околлу 20.000 производи (10.412 српски производи (тарифни позиции) и 8.930 кинески производи), кои ќе можат да се тргуваат меѓу двете земји без царина или со намалена царина.
На денешната презентација на Договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина пред бизнисмените од Нови Сад и автономната покраина Војводина српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ посочи дека овој Договор е голема работа за иднината на српската економија, но дека има уште голема работа пред српските компании. Со Договорот српските компании добиваат можност за извоз на пазар од 1,4 милијарди потрошувачи, што би можело да го зголеми извозот на земјата, но и да ги вклучи српските бизниси во кинеските синџири за снабдување.
Предвидено е, пишува српски Блиц, дека на првиот ден од стапувањето во сила на Договорот, 60% од стоките да бидат ослободени од царина, во следните пет до 10 години уште 30% од стоките, додека најчувствителните производи, пред се земјоделските производи, ќе продолжат да бидат заштитени.
На стоките што дотогаш за пет години ќе бидат ослободени од царина ќе им се намалуваат царините за 20 отсто секоја година, додека на стоките што ќе бидат ослободени од царина за 10 години, дотогаш секоја година се намалуваат царините за 10 отсто.
Од 1 јули од Србија во Кина ќе може да се извезува без царина, меѓу другото, свежо овошје и зеленчук, фармацевтски производи, производи од хемиската и машинската индустрија.
Компаниите кои ги користат поволностите предвидени во Договорот мора да докажат дека 50% од вредноста на секој производ што се извезува е создаден во матичната земја.
Момировиќ додаде дека Кина е еден од најголемите инвеститори во српската економија.
„Кина инвестираше 5,5 милијарди евра во нашата земја. Во 2023 година тие беа нашиот втор најважен партнер. Земјоделските производи можат да најдат нови клиенти во Кина и дополнително да го подобрат нашиот земјоделски сектор. Заедно со Кина, постигнавме чекори и во реконструкцијата на инфраструктурата , особено во Нови Сад“, изјави Момировиќ.
Според претседателот на Стопанската комора Марко Чадеж, 1 јули е голем ден во односите меѓу Србија и Кина.
„Веќе денеска царините се намалени на нула за речиси 60 % од производите опфатени со овој договор.Тоа ни овозможува полесен пристап до кинескиот пазар, поевтин извоз без царина, поповолен увоз, набавка на суровини и материјали од Кина има потреба од производство во нашата индустрија“, рече Чадеж.
Надворешно-трговската размена меѓу Србија и Кина во 2023 година изнесува 6,09 милијарди американски долари, од кои 1,2 милијарди долари се извоз од Србија.
Во Србија работат 1.560 компании со мнозински кинески капитал и вработуваат околу 20.600 работници, а речиси една третина од странските инвестиции во Србија минатата година биле од Кина.
Србија е третата земја во Европа, после Швајцарија и Грузија, која има договор за слободна трговија со Кина.
Српските власти најавуваат дека веќе од есен ќе се организираат и бројни посети во Кина со цел да се најдат партнери за српските компании и земјоделски производители.
Извор: Blic.rs