Македонските компании Витториа Фруит, Хортена, Туран, Баџо, Фреш Лајн, Ксенос, Атон Фруитс, Агро Гурмеш, Агро Кав-Комерц и Стенлеј, преставени од македонското здружение за свежо овошје и зеленчук – МАКФРЕШ од 30 септември до 2 октомври, по втор пат ќе учествуваат на меѓународниот саем Fruit Attraction 2025 во Мадрид, Шпанија.
Овој водечки глобален настан за агро-прехранбениот сектор се одвива под слоганот „Откријте ја суштината на секторот“ и претставува клучна платформа за комерцијална соработка, иновации и глобално позиционирање.
Компаниите ќе ги изложат своите најквалитетни производи, со цел да го промовираат македонското овошје и зеленчук пред глобалната публика и да воспостават нови деловни партнерства.
Основано во 2023 година, МАКФРЕШ ги обединува производителите и извозниците на свежо овошје и зеленчук, со мисија да го унапреди нивниот квалитет, одржливост и конкурентност.
Оваа година, Fruit Attraction се проширува со нови изложбени хали (12 и 14) во IFEMA MADRID, овозможувајќи подобра организација и географска застапеност. Посетителите ќе имаат полесен пристап до производители од различни земји, а изложувачите ќе добијат поголема видливост и можности за вмрежување со компании од целиот свет.
Саемот ќе биде поделен во четири тематски области: Свежо овошје и зеленчук, Помошна индустрија, Логистика на свежа храна, Иновации и технологија.
Како социо-економски партнер, учеството на МАКФРЕШ е овозможено со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за рурален развој за 2025.
Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ преку ангажирање на меѓународен консултант ќе ги поддржи компаниите во промоција, пристап до нови клиенти и атрактивни пазари, како и во организирање на B2B средби со потенцијални купувачи.