Дизелот поевтинува за два денара, бензините од еден до 1,5 денари

Малопродажната цена на бензините се намалува од еден до 1,5 денари, а на дизелот за два денара, одлучи Регулаторната комисија за енергетика.

Според одлуката, малопродажната цена на Еуродизел ќе изнесува 58 денари за литар, на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 66 денари за литар, Еуросупер БС 98 ќе се продава по 68,50 денари за литар и екстра лесното масло за домаќинство  по 47,50 денари.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за  1,473 денари и ќе изнесува 34,922 денари за килограм.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот седумдневен период бележат намалување кај бензинот во просек за околу 5,01% или за 28,80 долари за тон, кај дизелот намалување во просек за околу 7,14% или за 39,05 долари за тон, кај екстра лесното масло намалувањево просек за околу 7,43% или за 40,05 долари за тон и кај мазутот намалување во просек за околу 6,18 % или за околу 27 долари затон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период изнесуваше 55,9 денари и е за 0,903% повисок од курсот на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка.