Македонските компании во јуни извезлe производи во вредност од 492 милиони евра, што е за 7,3% помалку во споредба со истиот период лани, покажуваат најновите податоци од Државниот завод за статистика. Увозот во јуни изнесувал 597,3 милиони евра и е за 3,6% помал во споредба со јуни минатата 2019 година, со што покриеноста на увозот со извозот во јуни изнесувала високи 82,4%.
Падот во извозот во јуни е многу помал во споредба со намалувањето на извозот во април, кога имаше годишен пад од 60% и во мај кога извозот беше помал за 39,2% во споредба со истиот месец минатата година, што укажува дека извозот во јуни почнал да се опоравува.
Уште еден показател кој покажува опоравување на извозот е споредбата со претходниот месец. Податоците покажуваат дека на месечна основа извозот во јуни бележи зголемување за 45% во однос на извозот во мај, додека увозот во истиот период се зголемил за 31,2%.
Заради шокот кој го предизвика пандемијата со корона вирусот врз трговијата, извозот во првите шест месеци годинава во вредност од 2,45 милијарди евра се уште е помал за 22,3% во споредба со истиот период лани, додека увозот во истиот период бележи пад од 18,1% и изнесувал 3,34 милијарди евра.

Анализирано по сектори, податоците покажуваат дека извозот во првите шест месеци во сите сектори е помал во споредба со истиот период лани. Најмал пад има кај извозот на метали и храна од  3,2% и 7,2% и извозот на пијалоци кој е помал за 12,7% во споредба со првата половина од 2019 година.

Голем пад од дури 36,5% има кај извозот на нафтени деривати, пред се заради намалувањето на цената на нафтата. И извозот на компаниите од автомобилската индустрија во првите шест месеци бележи голем пад во споредба со истиот период лани. Така извозот на хемиски производи, каде влегува пред се извозот на катализаторите на Џонсон Мети е помал за 29,9% во споредба со првата половина од 2019 година. Извозот на машини и транспортни уреди, каде исто така доминира производството на автомобилски делови е помало за 28,4% во споредба со првата половина од 2019 година.

Податоците покажуваат дека извозот во ЕУ, каде повеќе извезуваат странските инвеститори, има далеку поголем пад, во споредба со извозот на пазарите во земјите од Западен Балкан, каде доминантно извезуваат домашните извозни компании.

Дури 76% од вкупниот извоз и 48% од вкупниот увоз во земјава во првите шест месеци бил поврзан си земјите од Европската унија. Извозот во ЕУ во првата половина годинава е помал за 26%, додека увозот е помал за 22,1% во споредба со истиот период лани.

Во земјите од Западен Балкан во првите шест месеци годинава се извезени производи во вредност од 287 милиони евра или 11,7% од вкупниот извоз на земјата, кој е за 16,4% помал во споредба со истиот период лани. Увозот од земјите од Западен Балкан во истиот период изнесувал 343 милиони евра и е за 5,4% во споредба со истиот период лани.

Гледано по земји, најголем пад на извозот во првата половина годинава има во земјите членки на ЕУ и тоа во Романија (-41,9%), Белгија (-38,3%), Германија (-32%) и Италија (-29,7%).

Најголем раст на извозот во првите шест месеци има во Русија (-36,7%), каде се извезени производи од околу 25 милиони евра, Холандија (+29,3) со извоз од 67,6 милиони евра, Хрватска (+14,1%) со извоз од 41,4 милиони евра.