ОПЕК и Русија постигнаа прелиминарен договор во четвртокот вечерта за глобалното намалување на производството на нафта за 10 милиони барели на ден за мај и јуни, што е најголемо кратење досега договорено од глобалните производители на нафта. Исто така со вчерашниот договор производството на нафта ќе се намали за 8 милиони барели на ден од јули до декември, а потоа 6 милиони барели на ден од јануари 2021 година до април 2022 година.
Падот на производството е само околу 10% од нормалното глобално снабдување со нафта, што е далеку под проценките за тоа колку е намалена побарувачката за нафта како последица на пандемијата со корона вирусот.
Заради овие факти малку е веројатно дека ова кратење на производството ќе го запре масивниот пад на цената на нафтата.
Договорот дојде откако министрите за нафта на ОПЕК и голем број производители на нафта што не се на ОПЕК во четвртокот одржаа видео-состанок.
Состанокот започна со обраќање на генералниот секретар на ОПЕК Мохамед Сануси Баркиндо, кој предупреди за развојот на цената и побарувачката на нафта.
“Kоронавирусот целосно го наруши снабдувањето и побарувачката на нафтениот пазар. Нашата индустрија крвари; никој не можеше да го запре крварењето “, рече Баркиндо.
Неверојатни бројки
Баркиндо рече дека проекциите покажуваат пад на побарувачката за нафта од скоро 12 милиони барели на ден во тековниот квартал.
“Овa се неверојатни бројки! Без преседан во модерните времиња “, рече тој.
Со оглед на невидената нерамнотежа помеѓу понудата и побарувачката, може да има огромен суфицит од 14,7 милиони барели на ден во вториот квартал на 2020 година.
Дури и овие ужасни предвидувања може да бидат претерано оптимистични, бидејќи тие би можеле да потценат колку побарувачката навистина опадна, со оглед дека на луѓето им е наредено да останат дома.
Некои аналитичари веруваат дека побарувачката за нафта е намалена за 18 до 20 милиони барели на ден и дека големото намалување ќе го отежне стабилизирањето на цените.