Додека светот се бори со повторниот бран на ширење на коронавирусот, во Кина денеска се отвори најголемиот Меѓународен саем на увозници (China International Import Expo), кој се одржува трета година по ред.
Најголемиот трговски настан во целиот свет беше свечено отворен во Шангај и со почитување на строги Ковид-19 протоколи, на едно место собра 2.600 бизниси од 120 земји од светот и над 4.000 професионали купувачи.
Кинескиот претседател Си Џинпинг на цермонијата за отварање на настанот во своето онлајн обраќање ја посочи важноста на овој глобален настан и потенцираше дека се случува во многу важен период, односно во време на сложено економско опкружување во кое кинескиот економски раст дава надеж за идното закрепнување на светската економија.
Ова ќе биде можеби единствениот саем кој годинава ќе се одржи без одложување и во претходно предвидениот термин, праќајќи силна порака за тоа колку е Кина важна за светот и колку светот е важен за Кина.
Додека неколку од најголемите меѓународни трговски саеми во Кина оваа година беа одржани виртуелно или одложени заради пандемијата, Меѓународниот саем за увозници се одржува со физичко присуство, што треба да ја потенцира силната реакција и победата на земјата во справувањето со коронавирусот.
Саемот, кој ќе трае од 5-10 ноември, беше започнат во 2018 година од страна на кинескиот претседател Си Џинпинг како начин за зголемување на увозот и намалување на кинескиот трговски суфицит со партнерите и покажување на неговата посветеност кон отворена економија на самиот почеток на трговската војна со САД.
„За да ја задоволат зголемената побарувачка заради зголемената потрошувачка во земјата, кинеските увозници сигурно ќе трошат многу за да купуваат. Како увозна сила, Кина треба да има поголем збор во глобалната економија“, вели Сун Ликсинг, истражувач на Академијата за општествени науки во Шангај.
Претходните настани привлекоа огромен публицитет, особено со присуството на странски лидери, вклучително и францускиот претседател Емануел Макрон, а потоа и еврокомесарот за трговија Фил Хоган минатата година. Но, досега ниту еден официјален американски претставник не присуствувал на овој кинескиот меѓународен саем за увозници.
Годинава сите учесници на саемот од странство, покрај стандардните проверки на температура, ќе мора да приложат негативен тест Ковид-19 и да носат маска постојано, според протоколите.
За да се потенцира значењето на саемот, отварањето беше пренесувано во живо од страна на повеќе кинески медиуми.