Средното училиште „Михајло Пупин“ денес склучи договори за соработка со АД Електрани на Северна Македонија, ЛИБЕРТИ АД Скопје, Раде Кончар Контактори и релеи доо и МАСАК СОЛУТИОН ДОО, кои ќе дадат поддршка формирање на двете дуални паралелки од септември за профилите Електротехничар – Енергетичар и Електромеханичар.

Средното училиште „Михајло Пупин“ е едно од првите кои воведе дуално образование преку соработка со ЕВН, но од оваа учебна година го зголемува обемот на соработка и со повеќе домашни компании кои се обврзуваат да ги примат на работа учениците кои ќе посетуваат пракса кај нив.

„Со ова денес стануваме носител на дуалното образование и на сите ученици кои ќе се запишат од оваа учебна година веднаш ќе има биде загарантирано вработување во компаниите поддржувачи. Родителите треба што повеќе да размислуваат да ги запишуваат децата во стручно образование за да имаат перспектива. Овие профили кои ние ги нудиме како училиште се иднината и во државата и надвор“, изјави директорот на СЕТУ Михајло Пупин, Димитар Ѓорѓиев.

Чест ми е што на листата на наши партнери, денес се приклучуваат овие исклучителни и успешни компании кои ги согледаа придобивките од дуалното образование и не поддржаа, потенцира директорот на училиштето Ѓорѓиев.

Консултантската компанија Примепоинт ДОО Скопје, како експерт за развој на стручни вештини и менаџерски програми, е вклучена во изработка на програмата за дуално образование.

Од компаниите посочија дека нивна заложба ќе биде што повеќе училишта да добијат можност за дуално образование, што исто така ќе биде и во нивен интерес заради продуцирањето на нов квалитетен работен кадар.

Дуалното образование досега се спроведуваше во десетина училишта со неколку странски компании, а според најавите од МОН, се подготвува нов закон за стручно образование со кој дуалното ќе се воведе како системско решение на национално ниво. “Дуалното образование е концепт кој се залагаме да стане системско решение на национално ниво и тоа ќе биде уреден во новиот Закон за стручно образование и обука чија прва нацрт верзија е подготвена и наскоро ќе биде предмет на јавна дискусија со цел усвојување на најдобрата содржина во интерес на младите и иднината на државата”, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешното потпишување на договори на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин во Скопје“ со нови четири компании за проширување на соработката во делот на реализација на практична обука за учениците кои реализираат настава и ќе се запишат во дуалните паралелки во рамки на училиштето.

– Чест ми е што денес присуствувам на воспоставувањето на нови соработки на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ кое заедно со компанијата ЕВН се пионери во нашата земја кога е во прашање воведувањето на концептот на дуално образование, и нивниот партнерски однос и пристап кон учениците е веќе пример кој се следи и од останатите училишта и компании за тоа како се работи со целосна посветеност и во интерес на иднината на младите – рече Царовска изразувајќи благодарност до новите 4 компании кои се приклучуваат кон реализацијата на наставата во рамки на дуалните паралелки во училиштето.

Учениците ќе можат преку практична настава да го надградат своето образование и понатаму или да продолжат да се дообразуваат на факултетите или директно да се вклучат во процесот на производство

Од идната учебна година се отвораат 97 дуални паралелки во средните стручни училишта низ државата, а од Министерството за образование најавија дека се предвидени стипендии од по 3 500 денари месечно за околу 2 000 ученици кои од септември ќе се запишат во дуалните паралелки.