Сите што сакаат да градат нови или да ги ревитализираат старите рибници и пунктови или сакаат да градат капацитети за преработка на риби од денеска до 22 март ќе може да аплицираат за добивање средства преку Програмата за рибарство и аквакултура, информира сиректорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Финансиската поддршка изнесува до седум милиони денари или 114 илјади евра по поединечен корисник, од кои максималниот поврат на средствата, односно грантот е од 50% до 65% од прифатливите трошоци за реализираната инвестиција.
Доделената финансиска поддршка, информираат од АФПЗР, е неповратна, а барателите не смеат да почнат со реализација на инвестицијата пред да потпишат договор за ко-финансирање со Агенцијата.
– Право на користење на оваа поддршка имаат субјекти кои се регистрирани за дејност аквакултура и кои поседуваат или користат недвижен имот на кој планираат да изградат капацитет за аквакултура, или поседуваат дозвола за користење на вода за поставување на кафези во зоните предвидени за аквакултура, субјекти кои се запишани во регистарот на одгледувачи на риби при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и сите субјекти кои се од ранг на микро, мали и средни претпријатија кои поседуваат или планираат да изградат преработувачки капацитет наменет за преработка на риба, информира Бабовски.
Повеќе информации за повикот можете да погледнете на http://www.ipardpa.gov.mk/Root/mak/default_mak.asp
Барањата за користење средства со листата на потребни документи и Упатсвото за корисниците може да се преземат од веб-страницата на Агенцијата, www.ipardpa.gov.mk, во делот Рибарство и аквакултура 2020.
Барањата доставени по 22 март годинава нема да бидат разгледувани, се наведува во соопштението.