Со децении, Кина беше ветената земја за американските, европските и јапонските производители на автомобили. Сега, појавата на коронавирусот се заканува да го продолжи падот на продажбата на возила, загрозувајќи го производство во земјата и да ги стави во опасност глобалните ланци на снабдување, пишува CNN business.
Volkswagen, Daimler, General Motors, Renault, Honda и Hyundai се меѓу глобалните производители на автомобили кои инвестираа многу во Кина, формирајќи партнерства со локални компании и градејќи огромни фабрики. Кина прoизведува повеќе автомобили од која било друга земја, а исто така е и најголемиот светски пазар.
Кога фабриките за автомобили низ Кина се затворија минатиот месец за Лунарниот новогодишен празник, индустријата веќе беше под огромен притисок: продажбата паѓа две години како последица на забавената економија, а прогнозите укажуваа на трета по ред година на стагнација. Пред да почне падот на продажбите пред две години, Кина имаше 27 годишен раст на продажбите на автомобили.
Многу од фабриките во Кина ќе останат затворени барем до следната недела, со цел да се олесни ставањето под контрола на вирусот од страна накинеските здравствени власти.
Вухан, каде е центарот на епидемијата, е најголем автомобилски центар, во кој фабрики имаат и многуод автомобилските светски гиганти како General Motors, Nissan, Renault, Honda I сопственикот на Peugeot, PSA Group.
Очекувањата на авто индустријата се дека продажбата на автомобили ќе продолжи да опаѓа, барем се додека не се намали ризикот од зарази.
Според S&P Global Ratings, избувнувањето на епидемијата со коронавирусот ќе ги принуди производителите на автомобили во Кина да го намалат производството за околу 15% во првиот квартал.
Вухан и остатокот од покраината Хубеи учествуваат со 9% од вкупното кинеско производство на автомобили. Групацијата PSA изјави нејзината фабрика Вухан ќе остане затворена барем до 14 февруари, а и други производители најавија затворање на погоните.
Германските Daimler и Volkswagen соопштија дека очекуваат да продолжат со производство на возила во Кина во понеделник, но и дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата и да ги прилагодат плановите по потреба.
Volkswagen е најмногу изложен на потенцијални штети. Најголемиот производител на автомобили во светот има 24 погони кои произведуваат автомобили или делови во Кина, што претставува 40% од своето производство. Toyota произведува 15% од своите автомобили во Кина. Автомобилскиот сектор во Кореја дури 30% од автомобилските делови ги снабдува од Кина.
Најголемиот дел од извозните компании кои работат и во македонските зони се врзани со германските ланци за снабдување од автомобилската индустрија, па овој застој би можел да се одрази и преку намалување на побарувачката за нивните производи.
Од S&P Global Ratings велат дека кинеската влада би можела да го продолжи периодот на затворањена фабриките со цел да го ограничи ширењето на вирусот, што би влијае на дури половина од производството на кинески автомобили и делови за автомобили.
Кина е исто така глобална производствена база за електрични мотори, менувачи и други компоненти за електрични автомобили.
Колку подолго се одолговлекува кризата, поголема е шансата глобалните ланци за снабдување од автомобилската индустрија да бидат погодени и претрпат штети. Но, едно е сигурно, а тоа е дека кризата со вирусот во Кина покажа колку е Кина значајна како снабдувач на глобалните ланци на снабдување низ целиот свет.