Четириесет и пет проценти од малите италијански фирми се изложени на структурен ризик поради пандемијата со Ковид 19, соопшти Националниот институт за статистика на Италија (ИСТАТ).

„Доколку бидат изложени на надворешна криза, 45% од сите фирми со најмалку тројца вработени би претрпеле такви последици што би можеле да ја загрозат нивната оперативност“, се вели во извештајот на ИСТАТ .

Овие фирми се побројни во секторите со ниско ниво на технологија и знаење, а учествуваат со 20,6 % во вработеноста и со 6,9% во вкупната додадена вредност.

„Само 11% од компаниите се „солидни“ и би биле маргинално погодени од кризата“, рече ИСТАТ, додавајќи дека овие компании го претставуваат „убедливо најзначајниот сегмент на производствениот систем и во однос на вработувањето (46,3%) и според додадената вредност 68,8%“.

Во извештајот се наведува дека ограничувањата наметнати на продуктивните активности за време на блокирањето на Италија од почетокот на март до почетокот на мај 2020 година, предизвикаа очекуван пад на прометот. Овој пад беше малку поизразен во услужниот сектор (пад од 12,1%) отколку во индустријата (пад од 11,1%).

„Токму на терцијалниот сектор (услугите) пандемијата предизвика најтешки ефекти, а особено на фирмите поврзани со туризмот, како што се туристички агенции, воздушен транспорт, сместување и угостителство, чиј обрт различно падна од 40% до 75%“, се вели во Извештајот на ИСТАТ.

Во извештајот се вели дека Италија не ја изгубила својата конкурентност на странските пазари и покрај падот на продажбата во странство за 9,7% предизвикана од пандемијата во 2020 година.

„Постојаната анализа на уделот на пазарот покажува дека во сегашната ситуација, обележана со комбинација на шокови во понудата и побарувачката, италијанските извозници биле во можност да ги бранат своите позиции на меѓународните пазари“, се вели во него.

Околу 25 % од италијанските компании од сите големини реагираа на пандемиската криза со инвестирање во нови производи, преминување на нови канали за продажба и снабдување (особено електронска трговија) ​​и зајакнување на врските со други компании.
Други 20% претрпеле длабока реорганизација, силно туркајќи кон дигитална транзиција и нови деловни модели.